Приватните автобуси на „Слобода превоз” од утрово не возат бидејќи Град Скопје и ЈСП „Скопје” не им исплаќаат пари. Наместо во сообраќај, врабоените кај превозниците денеска пешки дојдоа пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска и бараа итна средба со претставници од Градот. Претставници на превозниците беа примени во една од салите во Градот и во тек е состанок за решавање на нивните барања.

Од утрово нема приватни автобуси на линиите 9,12,22, 23 и 45. Сè уште возат автобусите за приградските населби 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73 оти на овие линии нема автобуси на ЈСП па ако престанат да возат и приватниците граѓаните целосно ќе бидат отсечени од градот.

Од „Слобода превоз” велат дека ќе бараат од Градот итно да им се исплатат заостанатите средства и во иднина да се почитува договорената динамика на исплати оти немаат како да ставаат гориво во возилата. Градот на „Слобода превоз“ им должи над еден милион евра.

„Ќе побараме одговори како тоа секојдневно има приливи од продадени билети, месечни карти и ученички карти, а нас пари не ни се исплаќаат. Имаме сознанија дека тие пари, кои всушност ние сме ги сработиле, се исплаќаат на други”, вели Ленин Јовановски од „Слобода превоз”.

Превозниците велат дека во зависност од исходот од средбата, добиените одговори и предлог решенија ќе зависи дали автобусите ќе продолжат да возат или ќе бидат стопирани сите линии.

На 8 ноември градоначалничката Данела Арсовска го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ кој престана да вози оти Градот му должи пола милион евра и не им плаќа. На 20 октомври Скопје за првпат во историјата остана без јавен превоз, не возеа автобусите на ЈСП „Скопје“ оти вработените немаа земано плата.

Колапсот на јавниот превоз се случува во првата година од мандатот на Арсовска, која изборите ги доби токму со ветувањата за брз, модерен, еколошки и бесплатен автобуски превоз за сите граѓаните.