За време на претстојниот празничен викенд се очекува зголемена раздвиженост на сите категории учесници во сообраќајот, особено на патните правци кон туристичките места Охрид, Преспа, Дојран, Крушево и Пелинце, како и кон излетничките места и граничните премини.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата посочуваат дека во услови на зголемен интензитет на сообраќајот, внимателното и одговорно учество во сообраќајот е клучен предуслов за зачувување на безбедноста на сите учесници.
Во таа насока, Советот апелира до граѓаните:
- да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи;
- да го почитуваат ограничувањето на брзината согласно поставената сообраќајна сигнализација, густината на сообраќајот и условите на патот;
- да не управуваат моторно возило под дејство на алкохол и недозволиви психотропни супстанци или во состојба на замор;
- задолжително да користат сигурносен појас, а децата на возраст до пет години да се превезуваат во соодветни детски седишта;
- да не користат мобилен телефон или други електронски уреди за време на управување со возило;
- пред поаѓање на пат да ја проверат техничката исправност на возилото, а при долгите патувања на секои два часа возење да прават паузи;
- велосипедистите, мотоциклистите, возачите на лесни електрични возила и пешаците да се движат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за поголема безбедност во сообраќајот.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата нагласуваат дека секое одговорно однесување во сообраќајот претставува придонес кон зачувување на човечките животи и предупредуваат да не се дозволи момент на невнимание, брзо возење или неодговорна одлука да доведат до несакани последици.
По повод 2 Август – Денот на Републиката – Илинден, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата им го честита празникот на сите граѓани и им посакува безбедно патување и безбедно пристигнување до саканата дестинација, со пораката: „Возете одговорно – Секој живот е важен“.
