Гробари во северните предградија на Сао Паоло работат во заштитни комбенезони, бидејќи отвораат гробови од пред многу години, ги отстрануваат остатоците од мртвите и ги префрлаат на нова локација.

Операцијата за ексхумација е итна, бидејќи Бразил се наоѓа во најлошиот бран на корона вирус од почетокот на пандемијата пред една година.

Министерството за здравство вчера објави 3.769 смртни случаи, што е нешто помалку од рекордот трет ден по ред.

Боливија вчера објави дека ги затвора границите со Бразил поради страв од пренесување на новата мутација на корона вирусот, пронајдена меѓу бразилските заразени.

Биомедицинскиот институт Бутантан соопшти за нова мутација, додавајќи дека има слични карактеристики со јужноафриканската верзија и е поотпорна на постојните вакцини.

Чиле вчера, исто така, ги затвори своите граници за странците и го зајакна карантинот, со регистрирани повеќе од милион случаи.

Она што се случува во Бразил е глобална закана – изјави Хозе Мигел Бернучи, секретар на Чилеанското национално здружение на лекари.

Земјите во регионот се загрижени дека во Бразил се развиваат нови мутации на корона вирусот, поради зголемениот број случаи и одбивањето на бразилскиот претседател Жаир Болсонаро да поддржи носење заштитни маски и наметнување „локдаун“.

Бразил во изминатата недела имал просечно по 3.100 смртни случаи и 74.000 новозаразени дневно, што е пораст кој постојано се зголемува од февруари.

Во Сао Паоло се одржуваат и ноќни погреби за да им служат на многуте семејства кои чекаат, а издадено е дозвола и гробиштата да бидат отворени до 22 часот.

Во вторникот се одржале 419 погреби во Сао Паоло, најмногу од почетокот на пандемијата. Доколку погребите продолжат со исто темпо, градските власти ќе мора да преземат дополнителни мерки.