Ден на молитва и спомен
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница – ден посветен на молитва и сеќавање на починатите, кој се паѓа пред големиот празник Духовден. На овој ден, верниците се молат за простување на гревовите на своите покојни, се служи парастос во црквите, а потоа се посетуваат гробовите, каде се палат свеќи, се читаат молитви и се принесува жртва.
Од Македонската православна црква апелираат дека смислата на овој ден е духовна, а не гастрономска – наместо раскошни гозби, жртвата треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
Духовното значење на Задушница
Спомнувањето на сите упокоени христијани пред Педесетница е востановено затоа што со слегувањето на Светиот Дух се заокружува делото на спасението, кое го опфаќа и живите и починатите. Затоа Црквата во недела, на самиот празник, упатува молитви до Светиот Дух – Утешителот – за сите души, бидејќи, како што учи црквата, „преку Светиот Дух живее секоја душа“.
Оние што не можат да ги посетат гробиштата, можат да отидат во најблискиот храм и таму да извршат помен за своите покојни.
Духовден – Роденденот на Црквата
Празникот што доаѓа во недела – Духовден, го одбележува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите, на десеттиот ден од Христовото Вознесение и педесеттиот од Воскресението. Тоа се случило на еврејскиот празник Педесетница, кога Светиот Дух слегол во вид на пламени јазици врз апостолите и им дал сила и дар да зборуваат на различни јазици.
Овој настан се смета за роденден на Црквата, бидејќи од тој момент, Светиот Дух непрекинато е присутен во литургијата, молитвите и целокупниот живот на Црквата. Тој е изворот на духовниот живот на секој христијанин.