Како што соопштуваат од Владината прес-служба, на средбата се потврдени добрите односи помеѓу двете земји во областа на образованието, економијата, културата, одбраната, науката при што е констатирано унапредување на односите со најавеното потпишување на Анти-дрога меморандумот за разбирање, што ќе придонесе во зајакнувањето на заедничката борба против криминалот и корупцијата.

Поздравени се, се додава, направените реформи во оваа област во нашата држава, со коишто се смета дека се зголемени капацитетите на органите за справување со криминал и корупција. Оценето е дека ги има предусловите, како што се посочува, да се продолжи на патот кон ЕУ, како и дека е ова стратешки значајно од безбедносен и економски аспект.

Премиерот Заев се заблагодари за големото пријателство помеѓу двете држави.

– Италијанската Република е стратешки сојузник и партнер во евро-атлантските процеси на нашата земја, но и голем пријател, што се покажува преку споделената солидарност секогаш кога е тоа потребно, каков што е примерот со вакцините за време на пандемијата. Преку потпишувањето на Анти-дрога меморандумот ќе ја унапредиме заедничката борба против криминалот и корупцијата кон што сме силно определени. А со унапредувањето на институционалната соработка меѓу државите, отвораме пат и за унапредување на добрата економска соработка, што е од значење за граѓаните и за бизнисите, рече премиерот Заев.

На средбата беа споделени искуства околу подигнувањето на јавната свест за значењето на вакцинацијата, како и околу почитувањето на мерките за заштита во услови на пандемијата, стои во соопштението.