Припадници на Одделението за внатрешни работи од Дебар вчера во напуштен објект откриле и заплениле четири вреќи со марихуана.
– Вчера полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и ОВР Дебар, на излезот од Дебар, во стар напуштен објект во близина на Градскиот стадион, пронашле четири вреќи со марихуана, во вкупна количина од околу 20 килограми, изјави денеска Стефан Димоски од Секторот за внатрешни работи Охрид.
Тој додава дека по насоки на Јавен обвинител дрогата е предадена на вештачење, а се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Напуштениот објект каде што била скриена дрогата се наоѓа на излезот од Дебар на регионалниот патен правец Дебар – Струга.
Неофицијално се дознава дека дрогата била прошверцувана од соседна Албанија.