Под постојан надзор ќе бидат воздухот, водата и движењето на жителите

Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека во координација со Институтот за јавно здравје, Кризниот штаб на Владата и Државниот инспекторат за животна средина се спроведуваат итни мерки за заштита на граѓаните по големиот пожар во магацинот за електронски отпад во Трубарево.

Според препораките на Државниот инспекторат, веќе е доставено барање до Институтот за јавно здравје за анализа на водата од бунари што ги користат домаќинствата во непосредна близина на опожарената локација.

Министерството издаде и забрана за пристап и движење на просторот каде што избувна огнената стихија.

Во наредните седум дена, акредитирана лабораторија ќе спроведува 24-часовен мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух, додека до Основното училиште „Крум Тошев“ во Трубарево е испратена препорака учениците да го ограничат престојот на отворено сè до стабилизирање на состојбата.

„Апелираме до граѓаните внимателно да ги следат официјалните соопштенија и да ги почитуваат насоките од надлежните институции со цел заштита на сопственото здравје и здравјето на нивните најблиски,“ порачуваат од Министерството за животна средина.