На делови од Водно веќе има лапавица, а градските служби се целосно излезени на терен за одржување на сообраќајниците. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека лично ќе им се придружи на вработените по завршувањето на телевизиското гостување во емисијата „Тема на денот“.
„На дел од Водно веќе добив снимка дека има лапавица, но треба да бидеме подготвени таму, земајќи го предвид теренот. Треба да се фрли доволна количина сол на тоа место, така ќе биде и на сите повисоки места“, рече Ѓорѓиевски.
Градоначалникот пред два дена ја посетил дежурната служба каде што разговарал со вработените задолжени за зимското одржување на улиците низ градот.
„Подготвени сме, нема да нè изненади снегот. Јас по емисијава ќе излезам исто со вработените на терен, така што ќе бидеме подготвени многу посериозно од кога било во минатото“, изјави Ѓорѓиевски.
