Според КАМ, случајот, спротивно на законските прописи, непотврдено бил изнесен не само на социјалните мрежи, туку и во одделни медиуми, при што биле доведени во заблуда јавноста и потрошувачите.
Компанијата тврди дека по спроведувањето на сите законски утврдени анализи и проверки од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, резултатите ја потврдиле исправноста на производот.
– Веднаш по објавувањето на непотвредената информација на 04.04.2021 како што налагаат интерните процедури, компанијата најодговорно ги презема сите мерки вклучително и повлекување на производот од продажба. Исто така, со цел детално истражување на случајот, компанијата постапи согласно одредбите на Законот за заштита на потрошувачите и Законот за безбедност на храна, како и пропишаните постапки за заштита на правата на потрошувачите. Компанијата КАМ во насока на справување со јавното ширење на неосновани тврдења и невистини, кои воедно претставуваат обиди за нарушување на довербата на потрошувачите и деловниот углед на компанијата, одлучно ги презема неопходните законски постапки за изнесување на случајот пред лицето на правдата, наведува КАМ во демантот.
Компанијата додава и дека ќе продолжи секојдневно доследно да ги спроведува најдобрите светски практики и европски стандарди за безбедност на храната.
Информацијата за пронајден глушец во „царскиот зеленчуков микс“ на КАМ ја сподели советникот на Општина Битола, Иван Чулакоски на 4 април 2021. Во својата фејсбук-објава тој ги повика Владата, Агенцијата за храна и ветеринарство и Националната канцеларија за заштита на потрошувачите да го проверат случајот, но го „тагираше“ и КАМ.