Поведоа уште во втората минута, а на крајот загубија на пенали. Англија денеска тагува откако синоќа во своето прво европско финале не успеа да го зграпчи големиот пехар и тоа само поради лошо изведување на пенали.

Многу сме разочарани. Прво, играчите ја заслужуваат секоја пофалба бидејќи дадоа сѐ што можеа на првенствово. Сега беше исто, се отепаа од трчање по теренот. На моменти игравме добро, на моменти топката не ја држевме доволно долго, особено на почетокот од второто полувреме. Но, не смеат да бидат обвинувани. Апсолутно ми претставуваше голема радост да работам со нив и тие стигнаа толку далеку после многу долго време. Но, се разбира, оваа вечер беше неверојатно болно во нашата соблекувална, вели Гарет Саутгејт во интервју за BBC.

Саутгејт мораше да одговара и на неизбежните прашања за тоа што пред самиот крај во игра ги стави Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо само за да шутираат пенали, а двајцата промашија. Потоа Букајо Сака го промаши последниот одлучувачки пенал.

-Тоа паѓа на мој грб, јас ги одбрав изведувачите на пенали според она што го прикажуваа на тренинзите, никој не беше оставен сам на себе. Досега победувавме заедно како тим и сега сите заедно не успеавме да победиме, а што се однесува до пеналите тоа беше целосно моја одлука и затоа тука вината е само моја, објаснува тој.