Гевгелиските пожарникари денеска апелираа до граѓаните, последните поволни денови да ги искористат за чистење на оџаците и проверка на исправноста на електричната инсталација и грејните тела како би се заштителе од пожар.
– Минатата година,во текот на грејната сезона во периодот од ноември до април,во гевгелискиот регион беа регистрирани 18 пожари предизвикани токму од неисчистени оџаци, поради што апелирам до граѓаните поволните денови да ги искористат за чистење на оџаците што преттавува и нивна законска обврска, рече Игор Ризов, командир на ТППЕ Гевгелија.
Тој посочи дека неопходна е проверка и на електричната инсталација затоа што во изминатиов период се забележани случаи на пожари предизвикани од заборавени вклучени полначи за телефон како и полначи на батерии за технички апарати.
Од Дирекцијата за заштита и спасување потврдија дека казните за неисчистени оџаци и димоводни канали изнесуваат од 500 евра за физички и до 2.500 евра за правни лица.