“Еколошкото образование на младите е клучен фактор за унапредување на заштитата на животната средина’.
Денеска се одржа трибина на тема „Вештини за зелен град”, која беше организирана во рамки на Проектот „Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET” и иницијативата „Европска недела на стручни вештини”.
Целта на трибината беше да се промовираат придобивките на стручното образование и обука, како и за искористување на стручните вештини во функција на зачувување на животната средина и надминување на предизвиците со кои се соочува Град Скопје на ова поле.
На трибината учествуваше градоначалничката Арсовска која ја потенцираше важноста од еколошкото образование и потребата да се влијае позитивно кај младите за тие да можат да дадат придонес кон зачувување на животната средина. Таа се осврна на активностите кои ги реализира Град Скопје и јавните градски претпријатија во насока на зачувување на животната средина.
– Градот Скопје работи на повеќе проекти кои даваат голем придонес во зачувувањето на животната средина, а најголем е секако проектот за изградба на Пречистителна станица за третман на отпадни води во Скопје. Овој проект, кој го реализираме во соработка со ЈП „Водовод и канализација”, е најголем еколошки проект во регионот и е во вредност од 136 милиони евра. Со реализацијата на овој проект и изградбата на пречистителната станица, која треба да биде завршена во рок од 36 месеци од почетокот на активностите, ќе се прочистат 90 проценти од водите во Скопје. За првпат во државата се работи на воведување на систем за рециклирање и реупотреба на градежниот отпад, се зголемуваат зелените јавни површини во сите општини во Скопје, се работи на поставување на сончеви панели на институциите кои се под наша ингеренција со цел искористување на обновливите извори на енергија и многу други проекти – кажа градоначалничката Арсовска.
Проектот „Европска платформа за извонредност за зелени иновации и стручно образование и обука – GREENOVET” е меѓународен проект во кој се вклучени 14 партнери од нашата земја и од Австрија, Финска и Португалија. Носител на проектните активности во Македонија се Машинскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Сојузот на стопански комори на Македонија, АСУЦ „Боро Петрушевски, Раде Кончар ТЕП и Националниот центар за развој на иновации и претприемничко учење. Проектот ќе го поттикне развојот на стручното образование и обука (СОО) во областа на зелените иновации низ Европа, преку основање на центри за извонредност во стручното образование и обука со што ќе се овозможи иновативна, инклузивна и одржлива економија.