Главна тема на средбата беше претстојната трета седница на Меѓувладината македонско – украинска комисија за следење на Договорот меѓу македонската и украинската Влада за трговска и економска соработка што ќе се одржи утре, 16 јуни во Киев.
Министерот Бектеши ќе биде ко-претседавач на оваа седница заедно со заменик министерот за економија, трговија и земјоделство Тарас Качка кој е назначен од украинска страна.
Како што рече Бектеши на средбата, билатералните односи меѓу двете земји базираат на меѓусебна поддршка и почитување, а традиционалното пријателство е предуслов за стабилна основа за соработка која, според него, ќе продолжи со позитивен тренд и во периодот што претстои во сите области од заеднички интерес, посебно на економски план.
Министерот потенцираше дека како резултат на плодната соработка во последните две години, односно пред пандемијата, двете држави успеале за граѓаните да овозможат безвизен режим за краткорочен престој од 90 дена, директен авио лет Киев – Скопје и обратно, како и збратимување на седум општини од Северна Македонија и Украина.
-Се интензивира севкупната соработка, преку олеснување на деловните врски и контакти меѓу двете земји, како и развој на туризмот, истакна Бектеши.
Тој дополни и дека двете земји имаат исти приоритети, а тоа се евро-атлантските структури, при што од секаков вид на заемна поддршка на патот кон придружување во евроатланските организации е добредојдена, а тоа се потврдува и со Планот за политички консултации што двете министерства за надворешни работи го потпишаа пред пандемиjата.
Министерот посочи дека оваа година, двете земји во рамки на билатералните односи, успеаја да договорат нова либерализација согласно Договорот за слободна трговија и изрази надеж дека во најскоро време ќе се потпише таа либерализација, бидејќи е значаен поттик за компаниите да можат да извезуваат голем број на производи кои се домашно производство, без царина или со намалена царина.