Технологијата ќе има една од водечките улоги во новата реглобализирана економија, давајќи придонес во сите системи, од трговијата и инвестициите, подобрување на иновативноста и отпорноста на приватниот сектор, работната сила, до справувањето со климатските промени и енергетската транзиција. Проценките се дека околу 70% од новата вредност создадена во глобалната економија ќе дојде од дигиталната технологија, пишува во својата најнова колумна министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Технологијата е од исклучително значење за намалување на трошоците при тргување и зголемување на трговијата на услуги.

„Живееме во време кога технологиите ја менуваат физичката трговија побрзо од кога било, како вештачката интелигенција, DLT, 3D печатење, паметните сензори итн., носат поголема еластичност на синџирот на снабдување, прекугранично тргување, подобро управување со ризикот и ублажување на финансискиот криминал. Во оваа насока потребна е поголема соработка за спроведување на процесите на дигитален идентитет, подобрување на оперативноста на системот и регулаторната средина“, посочува министерот.

Осврнувајќи се на инвестициите, тој наведува нови алатки за поттикнување на странските директни инвестиции, како креирањето датабази на добавувачи и одржливи инвеститори.

Во однос на справувањето со климатските промени и енергетската транзиција, Бесими повторно ја споменува улогата на новите технологии во овие процеси.

„Енергетската трансформација е тесно поврзана со климатските промени, што најмногу дојде до израз во текот на изминатиот период. Мерките кои се однесуваат на енергетската транзиција се однесуваат на иновативните технологии и зголемување на енергетската ефикасност, како и одвојување на економскиот раст од потрошувачката на енергија, особено кај земјите во развој. Зелената технологија е во подем и во изминатата декада, благодарејќи на постојаните подобрувања соларната и енергијата од ветер стануваат се поевтини. Според некои пресметки со 2050 година, транзицијата од фосилни горива кон соларна и ветерна енергија ќе заштеди глобално 12 трилиони американски долари“, пишува министерот.

Понатаму, Бесими додава дека новите технологии се оние кои можат да придонесат кон поголема продуктивност и одржливост во земјоделството. Тие можат да помогнат во тестирањето на квалитетот на почвата, на сеидбата, следење на здравјето на културите, проценка на обработката на почвата, како и поврзување со нови добавувачи и откупувачи.

„Дигиталните платформи за земјоделски производи, како Фарм Пас им помага на милиони земјоделци во руралните области да добијат фер цени, како и финансии за да го прошират својот бизнис“, посочува министерот.

Во колумната се наведува иновативноста и приспособливоста во следниот период ќе бидат оние кои ќе ја осигураат одржливоста на бизнисот. Новите технологии, како вештачката интелигенција, ќе да дадат значителен придонес во многу сектори, како производството, земјоделството, фармацијата, здравствени услуги и грижа итн. Поттикнувањето и поддршката на директните инвестиции во областа на дигитализацијата, како во е-трговија и финтек, можат значително да ја поттикнат економијата во насока на отворање нови работни места, особено во пост-ковид периодот.