Принцезата од Велс јавно проговори за својата голема љубов кон тенисот што ја негува уште од најраното детство. Нејзините изјави дадени во документарниот филм на Би-Би-Си „Сју Баркер: Нашиот Вимблдон“ повторно го привлекоа вниманието на светската јавност.

Осврнувајќи се на своето детство и спомените, принцезата откри дека престижниот турнир Вимблдон заземал посебно и значајно место во текот на нејзиното растење низ годините.

„Секогаш го следев Вимблдон. Тој беше дел од моето растење. Мислам дека е неверојатно важен дел од англиското лето и дека ги инспирира младите луѓе, исто како што ме инспирираше и мене кога бев помлада“, сподели принцезата.

Зборувајќи за тенисерите што особено уживала да ги гледа на теренот, принцезата отворено го издвои поранешниот хрватски тениски ас Горан Иванишевиќ како свој фаворит.

„Го обожавав Горан Иванишевиќ; бев фасцинирана од него. Истото важи и за Пит Сампрас, Андре Агаси и Штефи Граф“, призна Кејт Мидлтон.

Сопругата на британскиот престолонаследник принцот Вилијам, Кејт Мидлтон, уште од детството гаи љубов кон овој спорт, а денес е редовен почесен гостин на трибините на Вимблдон, каде што традиционално им ги врачува победничките пехари на најдобрите тенисери.

Во истиот документарен филм, таа се осврна и на својата мајка Керол Мидлтон, откривајќи дека и таа има сопствен омилен играч. Станува збор за познатиот швајцарски ас Роџер Федерер, кон кого нејзината мајка чувствува посебна наклонетост. Принцезата на шега додаде дека нејзината мајка веројатно нема да се налути поради ова јавно признание, напоменувајќи оти и самиот Федерер веројатно веќе е свесен за тој факт.