Мегапроект вреден речиси 800 милиони евра

Норвешка се подготвува да реализира еден од најневообичаените инфраструктурни проекти во светот – изградба на тунел низ планина низ кој ќе можат да поминуваат големи бродови. Целта е да се избегне опасната морска рута кај полуостровот Стадландет, позната по силните бури и високите бранови што со децении претставуваат закана за поморскиот сообраќај.

Станува збор за проектот „Stad Ship Tunnel“, кој ќе биде првиот тунел во светот наменет за пловидба на големи морски бродови. Тунелот ќе биде долг околу 1,8 километри и широк 37 метри, што ќе овозможи низ него да минуваат и крузери долги до 140 метри и тешки до 16.000 тони.

Проектот е замислен како безбедна алтернатива на пловидбата околу озлогласениот ’рт Стад, еден од најопасните делови од норвешкиот брег.

По години неизвесност, обезбедено е финансирањето

Иако проектот доби зелено светло уште во 2017 година, неговата реализација повеќепати беше доведена во прашање поради значителното зголемување на трошоците.

Првичната проценка изнесувала околу 455 милиони евра, но цената подоцна пораснала на повеќе од 780 милиони евра. По преговори меѓу владата и парламентот, било договорено финансирање во висина од 8,6 милијарди норвешки круни, односно околу 782 милиони евра.

Државната крајбрежна администрација „Kystverket“ веќе ги подготвува следните фази од проектот. Генералниот директор Еинар Вик Арсет изјавил дека институцијата ќе биде подготвена на почетокот на 2027 година да ги започне сите неопходни процедури за старт на изградбата.

Одлуката за избор на изведувач се очекува наскоро, а во конкуренција останале три конзорциуми. Според плановите, градежните работи би траеле околу пет години.

Симбол на норвешката инженерска амбиција

Со „Stad Ship Tunnel“, Норвешка сака да ја потврди својата позиција како предводник во иновативните и одржливи инфраструктурни решенија.

Доколку проектот се реализира според предвидената динамика, оваа необична градба би можела да стане една од највпечатливите инженерски достигнувања на 21 век – тунел низ планина низ кој, буквално, ќе пловат бродови.