Зенил Реџепов, уметнички раководител на КУД „Гоце Делчев“ од Делчево информираше дека работилницата е дел од јубилејното 45 издание на фестивалот и придружната манифестација Пијанечко-Малешевска свадба која во функција на туристичка понуда на регионот ќе се одржи на 3 септември 2021 на летната сцена во градскиот парк во Делчево.

-Како дел од работилницата успеавме да доловиме неколку песни од регионот, кои ќе бидат изведени в петок на 3 септември. Станува збор за делчевско ситно кое е сценски адаптирано, а исто така изведени беа и Малешевско изворно оро и Готенско. Учествуваа 30 млади од училишната, работничката и студентската младина, истакна Реџепов.

Во рамки на Делчево Фест 2021 и претстојната Пијанечко-Малешевска свадба одржана беше и втора работилница како дел од презентирањето на обичајот „Редење и китење на невестата“, со учество на фолк групата Ѓердан под водство на кореографот Илија Поповски.

-Овој обичај се изведува во домот на невестата исклучиво од жени и девојки. Девојките го правеле целиот процес на китење на невестата, додека жените пееле изворни песни и играле оро се дод доаѓањето на сватовите од машка страна, рече Поповски за обичајот.

За Марина Коколанска, невеста на Пијанечко-Малешевската свадба, повеќе од задоволство е да се биде дел од обуката и да се презентираат старите свадбарски обичаи.

Марина и Игорчо кои се младоженци на годинешното издание на Пијанечко-Малешевската свадба в петок ќе ја крунисаат својата љубов под превезот на старите свадбарски обичаи. Организатор на манифестацијата која е придружен дел од фестивалот „Делчево Фест 2021“ се реализира под покровителство на Министерството за култура со поддршка на Општина Делчево.