Пишува: м-р Филип Ивановски

Најновото истражување на Европската агенција за соработка на енергетски регулатори покажува дека Македонија е најголем зависник на рускиот гас во Европа. Поточно, Македонија е меѓу ретките европски земји кои се потпираат исклучиво на руски гас и 100% од своите потреби за гас ги задоволуваат со увоз на овој енергенс од Русија.

Ова значи дека во случај Русите да решат да го „затворат вентилот“ за Македонија, нашите домаќинства кои се греат на парно греење, како и индустриските капацитети кои го користат овој енергенс ќе бидат извисени. Во превод, ова подразбира домовите на над 60 илјади македонски граѓани да останат без затоплување, а голем број на стопанственици да стават клуч на врата.

Непочитувајќи го овој факт, новата министерка за одбрана Славјанка Петровска даде изненадувачка изјава во која кажа дека Министерството за одбрана било во тек на „изготвување на анализи за можностите за потенцијално учество на АРМ во случај на руска инвазија на Украина“ (интервју за ТВ Телма од 24 јануари). Вакви слабо осмислени и дилетантски изјави придонесуваат до натамошно влошување на и така веќе нарушените македонско-руски односи, а впрочем можат да доведат и до несогледиви последици за благосостојбата на македонските граѓани.

Оттаму, корисно би било да се знае дали државниот врв, а особено Славјанка Петровска е спремна да сноси одговорност за нејзините непромислени зборови и дела? Односно дали Владата има подготвено план за згрижување и надоместување на 60 илјади македонски граѓани и стопанственици кои се целосно зависни од парно и природен гас, во случај на ескалација на односите со Руската Федерација и стопирање на испораките на рускиот гас?

За крај, сакам да истакнам дека ваквите непромислени изјави покажуваат и основно непознавање на системот на НАТО бидејќи според Членот 5 од Вашингтонскиот договор, земјите-членки на НАТО се обврзани на заемна одбрана по принципот „сите за еден, еден за сите“. Меѓутоа, во случајот ниту Украина, ниту Русија се членки на Алијансата, па така овој принцип не важи и Република Македонија не е должна на ниту еден начин да се инволвира во овој потенцијален воен конфликт.