Судија од Основниот суд Тетово сам си пречкртувал оцени и се пишувал нови, за него поповолни, за да се запише во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО), откри ДКСК.

Комисијата утврди дека во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет судијата имал просек 7,88. а во пријавата за упис во АСЈО имал просек 8,20, минимум просек кој е потребен за упис во Академијата.

Како што објасни претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска ова го открил Државниот просветен инспекторат, кој по налог на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), ја проверил документацијата на сите досегашни кандидати кои биле примени и дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители.

Инспекторатот открил дека судијата си поправил три оценки со пречкртување.

„Оценките биле пречкртани и поправени во повисоки, а притоа немало ни барања за преполагање на испити, ни пријави, ниту пак докази за преположување на трите испити. Државниот просветен инспекторат веднаш го извести надлежното Јавно обвинителство“, кажа Ивановска.
Од пребарувањето што го направиле ДКСК, Просветниот инспекторат и Архивот на Македонија, утврдени се 400 издадени уверенија за заврешн 7/1 степен високо образование, а за само 180 кредити, што ги издавал, како што рече Ивановска, за среќа, само Штуловиот универзитет.

ДКСК не знае каде сè работат тие 400 дипломирани правници на Штуловиот универзитет, а кои имаат незаконски уверенија. Ивановска вели дека добрата вест е што со фалсификувани оценки и со незаконски уверенија со недоволен број кредити, во Академијата за судии има само 3 или 4 изолирани случаи.

ДКСК исто така не може да утврди кој или кои минстри за правда или други надлежни функционери се виновни за ова.

„Сите што биле на функција изминатиот период имаат одговорност за тоа што системот е ваков каков што е и кај што има правила не се почитуват, а каде што има недоречености секој се издигнува над правилата, сепак станува збор за луѓе кои се запишале на академија и кои сакаат во иднина да делат правда, да бидат судии, јавни обвинители, сепак и тие требало да си ги почитуваат правилата и да не се пријавуваат ако не ги исполнуваат условите“, оцени претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.