– Дуел секојпат е прифатлив, тоа може да значи информација повеќе за граѓаните, комплетно отворање на сите важни прашања и секако секој пат сум подготвен да разговараме за се, додаде Заев. Тој истакна дека се подготвени да разговараат за сите детали, посочувајќи дека има дваесетина закони коишто се блокирани. Тој го спомена одложувањето на пописот, како барање од опозицијата, нагласувајќи дека, исто така на нивно барање се одвоени 87 милиони денари за активности кои треба да се повторат. Претседателот на Владата потенцираше дека за сметка на прифатените барања од страна на опозицијата, тие требало да ја одблокираат работата на Собранието.
– До ден денеска има 20-ина закони коишто се блокирани. Не е коректно. Апелирам, ако е до нас да кажат спремни сме за детали да разговараме. Аферим за тоа што е одблокирано. Еве, постигнат е договор за законот за пензионирање, пет месеци пролонгирање – прифативме, во ред е, додаде Заев. Премиерот нагласи дека „Клиничкиот центар не е мрдат од место“, додека зборуваше за се она што е блокирано од опозицијата.
Рече дека неизмерно се радуваат кога гледаат што е направено во Клиничкиот центар, оти е поставена опрема што ја има во Германија и Франција.
– Така што дај да го одблокираме тоа што е таму важно. Се стави впечаток на Клиничкиот центар заради тоа што навистина ова е нешто прекрасно. Ова е навистина столбот на севкупната хирургија во државата. Тука беа денеска сите директори на институциите коишто ги трансферираат своите сограѓани-пациенти тука да се лекуваат. Можеме многу да направиме, посочи Заев.
Премиерот наведе дека навистина економијата се крева, оти имаме ресурси, само треба да се најде убав речник и дијалог за решавање.
– Така што дуел ќе има, не бегам од тоа. Дај да дадеме шанса, 22 –ри е за деветнаесет дена да се посветиме на тоа, да работиме на постигање на решение затоа што е важно, заклучи Заев.
Околу блокадата на законите од страна на Левица, Заев нагласи дека ќе се изнајде решение.
– Верувам дека ќе се изнајде решение. Навистина не ја сфаќам логичноста на Левица. Левица испадна и десница, испадна и контра се. Значи, ако се натпреваруваат со ВМРО-ДПМНЕ кој повеќе ќе блокира закони ќе ги добијат резултатите на изборите. Законот за државјанство се однесува за сите наши граѓани. И воочена е потребата и е признаена од сите, од опозиција, од власт, од сите. Ова е решение кое што го најдовме по европските стандарди. Навистина седнавме, власта и најголемите албански опозициски партии и најдовме решение. И сега да се блокира? Јас не можам да ја сфатам која е причината за ова, но постојат алатки согласно Деловникот на Парламентот и ја испочитува опозицијата колку и да била мала таа како Левица треба да се испочитува, но законот ќе се донесе. Немам дилеми дека законот ќе се донесе, изјави претседателот на Владата.