Во Бугарија 1 февруари е прогласен за Ден на сеќавање на жртвите на комунизмот и во општеството се уште се водат полемики за тоа дали земјата за време на Втората светска војна била фашистичка или не. Таа полемика има свое влијание и врз Македонија во светлината на бугарските барања за надминување на недоразбирањата околу почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, анализира „Пресинг ТВ“.

Во тој контекст, во домашната јавност предизвика лавина реакции изјавата на проф.Драги Ѓорѓиев, директор на ИНИ, дописен член на МАНУ и копретседавач на мешовитата македонско-бугарска комисија за историјата и за прашања на учебниците, дека за време на Втората светска војна Бугарија била профашистичка, но не и фашистичка држава, што во целост ги подрива македонските позиции и го доведува во прашање самиот темел на државноста-АСНОМ.

Оттука и потребата во целост да пренесеме еден текст од Погледи инфо.бг за да укажеме на едно чисто бугарско согледување на работите, но и да осознаеме нови, за нас непознати податоци од тоа време.

Неофашистите во Бугарија повторно стигнаа до вистинска хистерија на т.н. Ден на сеќавање на жртвите на комунизмот. Ништо ново под сонцето од 2011 година наваму, ако не го сметаме тоа што овојпат познатите ѕверства со полна сила маршираа од националната телевизија, која сите ја плаќаме со нашите даноци. Донекаде е можно лаги и инсинуации да се појавуваат во приватни медиуми, но не и и на БНТ!

Таму од утрото во понеделникот обилно не зрачеа со рекламата за новиот филм „Второто ослободување“, кој документирано ги прикажувал злосторниците, убијците комунисти, кои под диктат на Москва го организирале криминалниот Народен суд. Истиот апсурд и истите потполни лаги: Втората светска војна била разгорена од СССР со пактот „Рибентро-Молотов“ и притоа, се разбира, ни збор дека пред СССР слични спогодби со Германија склучиле сите водечки држави во Европа. Во Нирнберг, пак, стрелале 11 фашисти, а кај нас изрекле 2.857 бпресуди и убиле некои херои, „кои го исполнувале својот долг и се осудени апсолутно невини“. Плус една фабрикувана вест: САД и Велика Британија, гледате, биле против Народниот суд, за што имало некакво навестување во некое писмо од Трајчо Костов до Георги Димитров. А пропагандистите од старите комунистички времиња денес всадувале некакви митови за социјалистичкото време, кои раѓале носталгија! И кои се носителите на тие „вистини“? Па, се познати лица, бесни антикомунисти, меѓу кои-лажната професорка Евелина Келбечева од Американскиот универзитет, силно посакувана од фондацијата „Америка за Бугарија“.

Има стотици документи и за почетокот на Втората светска војна, и за Минхенскиот договор на Западот за уништување на Чехословачка, и за многу средби и договори меѓу раководителите на САД, Велика Британија и СССР од 1943-1945 година за судењето на виновниците за подметнувањето на хитлеризмот во различни држави. Многу е познато дека Черчил, на пример, бил за итно стрелање на тие криминалци и дека само по инсистирање на Сталин тие биле исправени пред суд. Ако не беше тоа, знаете ли колкав ќе биде бројот на стрелани во Бугарија, која е сојузник на Хитлер од 1941 година и е поразена држава во војната?

Апологетите на антикомунизмот негираат дека во Бугарија имало фашизам и го премолчуваат фактот дека државите во Европа биле под нацистичка окупација, додека Бугарија била дел од хитлеровиот пакт. Има стотици документи и за тоа зошто Црвената армија минува преку Бугарија-исто така во договор со САД и Велика Британија. Не се помалку ни архивските докази за инсистирањето на трите држави победнички за Народниот суд како елемент од задолжителните услови за примирјето со Бугарија. Народниот суд е воспоставен со потпишувањето на примирјето со САД и Велика Британија, на кои Бугарија им беше објавила војна и која беше поразена. Создаден е од владата на Отечествениот фронт во која БКП имала само 4 министри. Судењето на виновниците за вовлекувањето на Бугарија во Втората светска војна и на престапниците од другите европски држави е потврдено со Договорот во Лондон на четирите Големи сили победнички од 8 август 1945 година, со Декларацијата на Генералното собрание на ООН (11 декември 1946 г.) и со Женевкста конвенција за заштита на жртвите од Втората светска војна (1949 г.). Во процесите кај нас на смрт се осудени 2.618 лица, но извршени биле 1.046 смртни пресуди, додека останатите осудени биле пратени в затвор или биле ослободени. Тоа го потврдуваат документите. Тие беа објавени во познатата рубрика „Црно на бело“ во весникот „Дума“ пред тој да биде преземен од сили на денешната БСП.

Во „Црно на бело“ имаше многу написи за преговорите на САД, Велика Британија и СССР со Бугарија и за народните судови во цела Европа. Пред да му дадат простор на бесниот антикомунизам, во БНТ не прочитаа ли барем нешто за над два милиони судени фашисти и нивни помагачи во цела Европа? Дека во Франција, на пример, без судење се убиени над 9.000 лица, а вонредните судови разгледувале 300.000 досиеја, од кои 127.000 стануваат предмет на процеси и следуваат 97.000 осудителни пресуди од „национална деградација“ до смрт, а во декември 1944 г. биле интернирани 49.000 лица. Според една споредба на бројот на осудени на затвор во Франција-38.000, за население од 40 милиони жители, излегува дека на 100.000 души, 94 биле осудени. Истото истражување покажува дека во Данска тој број изнесува 374, во Холандија 419, во Белгија 596 и во Норвешка 633. Во самата Германија, по судењето на врхушката на нацизмот во Нирнберг, биле осудени околу еден милион нацисти од пониските нивоа-Гестапо, СС, СД, и им биле изречени различни казни. Судските процеси против нацистичките злосторници продолжуваат и денес! Во август 2021 г. Окружниот суд во Нојрупин, Германија, ги прифати обвиненијата приложени од обвинителството против стогодишен бивш чувар во нацистичкиот логор „Заксенхаузен“ до Берлин, обвинет за убиство на 3.500 лица, соопшти Ројтер.

Што се однесува до фашизмот, во периодот од 1940 до 1944 година кај нас, од страна на власта биле уапсени 64.345 лица учесници во Отпорот, од кои на смрт биле осудени и се стрелани 12.461 лице (споредете го ова со пресудите на Народниот суд), другите биле пратени по затвори и логори. Без суд и пресуда се убиени 20.000 јатаци, а масовно биле опожарени цели села. Владите на цар Борис III и на малолетниот Симеон II дале 200 милиони лева за партизански и јатачки глави. Биле интернирани 31.250 лица. Но, имињата на сите убијци од 1923 до 1944 година се испишани на меморијалниот ѕид до НДК како „жртви на комунизмот“. Денес живи дејци на Отпорот меѓу нив ги наоѓаат оние, кои ѕверски ги мачеле по затворите.

Таму се и убијците на 200 деца во нашите стари територии и на околу 3.000 Еврејчиња депортирани од бугарскиот фашизам кон Полска од Македонија и егејска Тракија. Во знак на сеќавање на тие невино убиени деца, од иницијативен комитет поддржан од Бугари од целата држава, од сите партии и етноси, речиси 4 години се обидува да постави споменик во Софија. Но, не може да го „пробие“ категоричното одбивање на општината во престолнината, која се вознемири од подигањето споменик на…Реган, а сега има намера да постави споменик дури на Гунди во „Слатина“. Од дете сум левичар, но каде е Гунди, а каде се убиените од страна на фашизмот невини деца за кои човек нема каде да положи ни едно цевеќ. Затоа, пак, дури и претседателот Радев им постави цвеќе на убијците.

Но, сето тоа е можно, зашто Бугарија е единствената држава во светот, која ги поништи пресудите на Народниот суд и убијците ги прогласи за невини. Социјализмот, пак, со закон беше прогласен за криминален! Митовите раѓале носталгија? Митови ли се некогашното бесплатно образование и здравство, немањето неписмени или нашето прекрасно земјоделие, кое ја хранеше не само Бугарија, та што станаа криминални? Криминално е однесувањето на нашите денешни неофашисти, кои на фонот на неказнето хулење на Отпорот, на социјализмот, на Русија, имаат дрскост на БНТ да трубат дека за „жртвите на комунизмот“ не се зборувало! Не само што се зборува, туку истата Евелина, според волјата на МОН, учествуваше во исфрлањето на Отпорот и на фашизмот од учебниците по историја за VII и X клас, во навредувањето на Русија и на социјализмот во учебниците. Зашто, новата идеологија е таа – нашите деца не може да ја снаат вистината за минатото за да не можат да мислат на сегашноста.