Португалија веќе воведе правило дека сите патниците кои влегуваат на нејзина територија ќе треба да презентираат негативен ПЦР тест без разлика дали се вакцинирани или не.
Европската Комисија реагираше на оваа мерки, која треба да стапи во сила на први ноември, и истакна дека принципот е да не се ограничува слободното движење внатре во Унијата.
-Во принцип земјите членки треба да се воздржат од дополнителни рестриктивни мерки за лицата кои имаат дигитален сертификат или доказ за прележаност, изјави Кристијан Виганд, портпарол за правда.
Појавата на омикрон сојот кој е дефиниран како многу заразен го вклучи алармот во ЕУ и покрај досегашните напори на Европската Комисија со дигиталниот ковид сертификат да го олесни слободното патување внатре во ЕУ.
-Мораме да продолжиме со пристапот од регулативата за ковид сертификатот, во иста ситуација бевме лани, ги видовме последиците од рестрикциите во ЕУ, од најголема важност е земјите членки на разговараат меѓусебно, да комуницираат и да се координираат и да продолжиме да ги спроведуваме мерките предвидени во дигиталниот ковид сертификат, со тоа што нема да се наметнуваат непотребни бариери за патување за лицата кои се целосно вакцинирани, имаат негативен ПЦР или доказ за прележаност, изјави главниот портпарол на Европската Комисија, Ерик Мамер.
Полска исто така најавува нови рестрикции за патници од ЕУ, но за ова Комисијата вели дека не добила официјално известување од полските власти.
-Што се однесува до Полска не добивме известување за ова, земјите членки треба да се воздржат од дополнителни ограничувања за патувања за оние кои имаат ковид сертификат и треба да ја информираат Европската Комисија и земјите членки 48 часа претходно во случај на нови рестрикции, изјави Виганд.
Новиот сој, омикрон, откриен благодарение на научниците во Јужна Африка доведе до низа рестрикции за патување за граѓаните на бројни африкански земји, што предизвика гнев во овие држави. Лидерите на Африканската Унија се пожалија дека рестрикциите се однесуваат само на Африка иако новиот сој е веќе присутен најмалку на три континенти.
Денеска во Советот на ЕУ се одржува нов состанок на кој денеска се разговара генерално за сојот омикрон и за пандемијата. Во петокот состанокот беше фокусиран на рестрикциите за патниците надвор од ЕУ.