Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека членството на Турција во Европската Унија повеќе не е приоритет за земјата, но нагласи дека тоа не значи затворање на вратата за евентуално членство.

„Европската унија не е наш приоритет“, изјави Ердоган во интервју за „Ал Џезира“.

Турција е кандидат за членство од 1999 година

Според Ердоган, Европската Унија би била на загуба доколку продолжи да ја отфрла Турција. Земјата има статус на кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, додека пристапните преговори започнаа во 2005 година.

Преговорите во моментов се замрзнати поради континуираното назадување на Турција во областите на демократијата, владеењето на правото и основните права.

Критики поради односот кон опозицијата

Турското раководство во последниот период се соочува со критики поради постапките кон опозицијата, особено по апсењето на Екрем Имамоглу, поранешниот градоначалник на Истанбул и политички ривал на Ердоган.

Судскиот процес против Имамоглу треба да продолжи во Окружниот суд во Силиври во Истанбул. Тој се соочува со обвиненија за корупција, перење пари и формирање криминална организација. Турската опозиција тврди дека случајот е политички мотивиран, додека властите негираат дека вршат влијание врз судството.