Србија нема да добие нови финансиски средства од Планот за раст сè додека се во сила спорните правосудни закони, за кои Европската Унија оценува дека ја нарушуваат независноста на судството. Ова синоќа го потврди еврокомесарката за проширување Марта Кос, посочувајќи дека исплатите се запрени поради назадување во областа на правосудството.

„Засега, ги запревме сите исплати од Планот за раст бидејќи Србија има назадување во областа на правосудството и додека не го поправи тоа, нема да може да добие финансиска поддршка од ЕУ“, изјави Кос на Универзитетот во Фрајбург во Швајцарија, пренесоа српските медиуми.

Кос и претходно во неколку наврати предупредуваше дека законите, усвоени во јануари годинава, ја ограничуваат независноста на судството. На 24 април, Венецијанската комисија оцени дека неодамнешните измени во неколку судски закони во Србија ги отстрануваат претходно постоечките заштити за автономијата на обвинителството.

Експертското тело на Советот на Европа ѝ издаде девет препораки на Србија за отстранување на недостатоците. Европската Унија бара од Белград целосно да ги спроведе сите препораки на Венецијанската комисија во врска со судските закони и истовремено да ја суспендира примената на овие закони додека не бидат изменети.

Од Планот за раст, Србија има право на вкупно 1,588 милијарди евра за периодот од 2024 до 2027 година. Од првата транша, исплатена во јануари, земјата доби малку повеќе од половина од предвидените средства, бидејќи беше утврдено дека исполнила само три од седумте планирани реформи. Наместо предвидените 112 милиони евра, Србија доби 61,1 милион евра.

Кос изјави и дека е критична кон идејата на Србија и Албанија да им се овозможи членство во единствениот европски пазар и во Шенген зоната пред полноправно членство во ЕУ. Таа посочи дека не постои „лајт“ или делумно членство, туку само полноправно членство кога ќе бидат исполнети сите обврски.

Во врска со иницијативата што српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама ја презентираа во заеднички текст за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Кос рече дека „двајцата политичари веројатно знаат дека за членство во заедничкиот пазар и Шенген треба да се исполни многу во областа на владеењето на правото“.

Таа додаде дека во ЕУ се води дебата дали постојната методологија на проширување е соодветна за сегашното време и дали се можни специфични аранжмани и постепена интеграција. Сепак, како што нагласи, нејзината улога како еврокомесарка за проширување е да ги подготви земјите да станат полноправни членки.

На прашањето како политичката криза во Србија влијае врз пристапниот процес, Кос рече дека земјата назадува во повеќе области, поради што исплатите од Планот за раст се запрени.

„Србија денес е многу поларизирана. Таа е кандидат за членство во Европската Унија повеќе од 10 години. За жал, видовме, гледаме дека назадува, особено кога станува збор за вредностите за кои зборував претходно – владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот и, особено, слободата на медиумите. Србија има иднина во Европската Унија, но курсот мора да се промени или посилно да се изрази во постапките на политичарите“, изјави Кос.