Во Театар Комедија свечено беше отворена Генералната асемблеја на „Еуродрам“, која се одржува во Скопје од 27 октомври до 1 ноември. Станува збор за значаен меѓународен театарски настан на кој, покрај домашната културна јавност, присуствуваа шеесетина гости од 28 држави. Отворањето на овој собир го потврди извонредното значење на целата манифестација за македонската држава и за театарската уметност воопшто, а официјалната церемонија се одржа на големата сцена во Театар Комедија.

Присутните гости на почетокот ги поздрави Едмонд Сотир, директор на Театар Комедија. Тој пред публиката и странските делегати изрази задоволство што институцијата ја има честа да биде домаќин на меѓународен театарски настан со високо реноме. Драматургот Дарко Јан Спасов го претстави новото издание „Каталог на македонски драми во избор на Еуродрам, 2001–2026“ чиј автор е Иван Додовски, објавено од Театар Комедија со финансиска поддршка на Министерството за култура и туризам.

Каталогот содржи хронолошки преглед на 32 избори, со вкупно 30 различни драмски дела од 18 македонски автори, како и посебен дел со биографии на 15 автори и подетални претставувања на 26 драми. Публикацијата е отпечатена на англиски јазик и вклучува детални содржини, податоци за премиери, преводи и авторски права, а дел од застапените автори лично присуствуваа на промоцијата.

„Каталогот содржи податоци за различни генерации автори, различни театарски јазици и различен начин на толкување на современиот свет“, истакна Спасов.

Спасов додаде дека каталогот е примарно наменет за странски преведувачи, режисери, издавачки куќи, научни истражувачи и сите професионалци заинтересирани за современото македонско драмско творештво и неговата промоција во странство. На отворањето беше презентирано и специјализираното издание „Библиографија на драмски текстови од македонски автори преведени на странски јазици“, подготвено од Шенај Мандак.

По промоцијата на стручните публикации се обрати Иван Додовски, претседател на „Еуродрам“, кој потсети дека од основањето во Париз во 2001 година организацијата прераснала во широка мрежа низ цела Европа, Централна Азија и Медитеранот, обединувајќи преку 300 театарски дејци од 34 јазични подрачја.

„Нашиот принцип е едноставен: меѓусебно ги читаме драмските текстови, даваме препорака за превод и им даваме поддршка да оживеат како печатено издание или со изведба на театарската сцена“, истакна Додовски.

Додовски му врачи почесна плакета на основачот Доминик Долмие во име на меѓународната мрежа, како признание за неговата визија и четвртвековна посветена работа во полето на драмскиот превод. Долмие се заблагодари на соработниците, меѓу кои Омер Калеши, Јордан Плевнеш и Иван Додовски, при што изрази длабока солидарност со затворените руски театарски уметнички Светлана Петричук и Жења Беркович, како и со сите луѓе кои страдаат на воените подрачја од Украина до Газа.

Во рамките на уметничката програма истата вечер се одигра претставата „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, режирана од Билјана Радиноска и Александар Ивановски во продукција на Театар Комедија. Претходно во просториите на Европска куќа во Скопје се одржа стручна работилница насловена „Занаетот на драмскиот превод“, водена од преведувачите Александер Зицман од Виена, Катерина Шекутковска од Скопје и Фроса Пејоска-Бушро од Париз, а модерирана од Дарко Јан Спасов и Иван Додовски.

Пред почетокот на преведувачката работилница беа доделени благодарници на Христина Стефановска од Гете-институтот Скопје и Сузан Веселји Зука од германската служба ДААД. Во воведниот дел Пејоска-Бушро даде детален преглед на македонските драми преведени на француски јазик, Шекутковска ги сподели искуствата од фестивалските работилници во Милхајм, додека Зицман се осврна врз преводите на германски јазик и спецификите при изработка на театарски титлови.

Агендата за 29 октомври вклучува одржување панел-дискусија под наслов „Драми преку границите: криза, отпорност и зајакнување“ организирана со канцеларијата на „Креативна Европа“ во Скопје, како и сценски читања на селектирани драмски текстови модерирани од Катерина Коцевска. Оваа театарска манифестација се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам, Гете-институтот, ДААД, Европска куќа и домашни партнери.