Снимањето на филмскиот и телевизискиот проект за Тоше Проески е планирано за 2027 година, а премиерата се очекува во 2028 година, соопшти „ОХО Продукција“. Проектот беше јавно претставен за првпат на фестивалот „Weekend.19“ во Ровињ.
Од продукцијата најавија дека точниот почеток на снимањето, актерската екипа и продукцискиот распоред ќе ги објават дополнително.
„Во рамките на панелот „Next Big Thing: Toše Proeski Film“, продуцентот Пеце Талески, авторот Игор Стоименов и сценаристите Милана Влаовиќ и Андреј Волкашин ја претставија амбицијата за филмски и телевизиски проект што ќе понуди повеќе од реконструкција на познатата биографија. Проектот се развива во три формати, игран филм, играна серија и документарна серија“, се наведува во соопштението.
Авторскиот тим истражува архивски материјали и разговара со соработници и блиски луѓе на Проески. Целта, според продукцијата, е приказната да го прикаже човекот зад ѕвездата, неговиот личен свет, соништа, дилеми и музички пат.
За време на панелот во Ровињ, авторот Игор Стоименов се осврнал и на изјава на Проески од неговото последно интервју, дадено неколку часа пред трагичната несреќа.
„Во последното интервју, неколку часа пред трагичната смрт, Тоше рекол: ‘И јас би сакал да го знам тој Тоше’. Реченицата отвора прашање што ќе биде важно и за филмот: колку навистина го познаваме човекот за кого сите имаме сопствен спомен“, се нагласува во соопштението.
