Шефовите на владите на Франција и Германија денеска во Берлин потпишаа договор за взаемна помош за „гаранција за снабдување со енергија“ во време кога цените растат.
Планирани се „конкретни мерки“, вклучително и Франција да и помогне на Германија да ја намали зависноста од рускиот гас преку снабдување со сино гориво, а Германија ќе ја поддржи Франција да „го обезбеди снабдувањето со електрична енергија во зима“, се вели во заедничката изјава потпишана од Елизабет Борн и Олаф Шолц.
Ппрвпат по 42 години, Франција е нето увозник на електрична енергија поради ниското ниво на производство на електрична енергија од нуклеарните централи. Од 1981 година, земјата отсекогаш била нето извозник на електрична енергија за своите соседи, делумно благодарение на нејзината нуклеарна енергија, која обезбедува над 60 проценти од производството на електрична енергија. Но, од јануари оваа година, Франција увезува повеќе електрична енергија отколку што извезува, при што речиси половина од нејзините нуклеарни централи не работат поради планираното, но понекогаш долго сервисирање. Нивото на понудата треба да биде доволно за Франција без проблеми да мине во декември, но за јануари постои ризик од прекини во случај на многу студено време, доколку побарувачката не се намали.
Договорот потпишан со Берлин денеска ги формализира напорите што Германија ги прави од средината на ноември за „да го максимизира капацитетот за интерконекција што е достапен на пазарот“.