Германските власти разоткриле меѓународна хакерска банда која ги уценувала германските јавни институции, соопшти денеска Покраинската канцеларија за борба против криминалот при Федералната покраина Северна Рајна-Вестфалија.

„Осомничените се руските државјани Игор Гаршин, Игор Турашев и Ирина З., против кои е распишана меѓународна потерница“, се вели во соопштението за печатот на Покраинската канцеларија.

Во соопштението се посочува дека се води истрага за уште осум осомничени.

Државното правобранителство во Дизелдорф ја товари групата, која оперирала од рускиот град Јошкар Оле, за хакерски напади врз ИТ системи и уцена на јавни институции во Германија, како што се Универзитетската клиника во Дизелдорф, областа Анхалт-Битерфелд и медиумската компанија Функе.

Групата се смета за одговорна и за нападите врз над 600 институции ширум светот. Американското федерално биро за истраги (ФБИ) издаде и меѓународна потерница против првообвинетиот Игор Турашев.

Напаѓачите користеле тројански софтвер за да ја блокираат целата мрежа на погодените институции, а за повторно пуштање, барале милиони долари.

„Нападите на критичната инфраструктура претставуваат поигрување со животот и смртта“, изјави портпаролот на Европол во Дизелдорф.

За време на хакерскиот напад на Универзитетската клиника во Дизелдорф во септември 2020 година, со кој се блокираше работата на болницата, една жена наместо во Дизелдорф мораше да биде префрлена во блискиот Вупертал, но почина за време на транспортот.