Започна проектот за реконструкција на улицата „Герника” во Драчево кој жителите од овој дел на Кисела Вода го чекаа децении наназад. Градоначалникот Ѓорѓиевски денес изврши увид во почетните активности на градежниот зафат на површина од околу 2800 квадратни метри на кој ќе се работи до крајот на месецов.
Покрај асфалтирањето, долж целиот коловоз, како што информираше, на 700 метри, ќе се изгради и тротоар кој ќе биде поплочен со павер елементи, како и нов паркинг простор. Се работи за мошне битна сообраќајница која води кон улицата каде е постојката за автобусот со бр. 41, која води кон железничката станица, но и кон новиот парк во “Дупки”, каде откако ќе биде завршено киното на отворено и другите содржини, се очекува голема фреквенција на луѓе. На реконструкцијата на “Герника”, не смеело да се чека 30 години, потенцираше Ѓорѓиевски.
-Денес започнуваме со градежни активности на улицата “Герника”, во Драчево, на чија реконструкција се чека речиси триесет години. За итната потреба од градежен зафат говори самата состојба во која се наоѓа “Герника”, но и нејзината важност како сообраќајница која води кон главна улица на која секојдневно се одвива јавниот градски превоз, која претставува конекција со железничката станица и која дополнително очекуваме да биде многу користена откако ќе го завршиме со изградбата на новиот рекреативен центар во “Дупки” со летно кино.
700 метри коловоз ќе добие нов асфалт, градиме и тротоар поплочен со павер елементи долж целиот потег. На крајот од улицата, ќе изградиме и простор за паркинг за околу 30-тина возила. Се’ на се’, до крај на месецов, како што им ветив на моите сограѓани, овој дел од нашата општина ќе добие и лик и функционалност какви што заслужува и на кои никако не смеело да се чека триесет години-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.