Автор на идејното решение е архитектот Филип Конески, додека во разработката на основниот проект учествуваа м-р Даница Спасевска и м-р Анета Мартулкова.

На доделувањето на наградата, претседателот Стево Пендаровски нагласи дека „како заедница сме обврзани да придонесеме за творечката слобода и за професионалниот интегритет на македонските архитекти и да овозможиме архитектурата да ја исполнува својата примарна цел, да го облагородува просторот, но и нашите животи“.

-Несомнено секој архитект се соочува со предизвикот да направи дело коешто ќе му пркоси на забот на времето и ќе ја има во себе претпоставката дека е градба по мерка на човекот. Македонските архитекти често се соочуваат и со дополнителни предизвици – со барањата на инвеститорите, со апетитите на урбаната мафија или, како што имавме ситуација во време на едноумието, а и до пред некоја година, да треба да задоволуваат небулозни идеолошко-политички барања. Згора на тоа, ја имаат и природната обврска да ја чуваат и усовршуваат македонската традиционална архитектура, изјави Претседателот Пендаровски при доделувањето на наградата.

Наградениот објект е лоциран на маргините на Волково, на возвишување, од каде се отвора поглед кон населбата и градот. Градинката е во завршна прва фаза, додека во втората фаза во иднина, се планира изведба на кровна градина.

За наградениот објект, од Асоцијацијата на Архитекти нагласуваат дека е специфичен за македонската пракса и претставува одреден чекор напред кон посмело размислување во проектантскиот процес за оваа типологија на објекти.

Наградата е под покровителство на Претседателот на  Македонија, Стево Пендаровски, а дел од фондот го обезбедува и Македонската Авторска Агенција.