Грчките крајбрежни стражари предизвикале смрт на десетици мигранти во Средоземното Море за период од три години, вклучувајќи деветмина кои намерно биле фрлени во водата, кажаа очевидци.
Овие деветмина се меѓу 40-ината мигранти кои наводно починале откако биле исфрлени од грчките територијални води или биле фрлени во морето откако стигнале до грчки острови, покажа анализа на Би-Би-Си. Грчката крајбрежна стража ги отфрли сите обвинувања за илегални активности.
Грчката влада долго време се обвинува дека присилно враќа мигранти кон Турција, што е нелегално според меѓународните закони.
Би-Би-Си анализирал 15 инциденти во периодот од мај 2020 до 2023 во кои починале 43 луѓе. Првичните извори биле локални медиуми, невладини организации и турски крајбрежни стражари, но Би-Би-Си зборел и со очевидци.
Во пет инциденти мигранти рекле дека биле фрлени директно во морето од грчките власти откако стигнале до грчки острови, каде што биле бркани. Во други инциденти, мигранти биле ставани во чамци на надувување без мотор, кои потоа се расипувале.
Еден Камерунец раскажал како бил фатен од грчките власти откако дошол на островот Самос во 2021.
„Откако ме вратија на брод на крајбрежната стража со други двајца Африканци, полицајци го фрлија другиот Камерунец во морето, а потоа и маж од Брегот на Слоновата Коска. Двајцата се удавија“, кажа тој.
Најтешката несреќа со мигранти во грчките води се случи во јуни 2023, кога се преврте претоварен брод, при што загинале над 600 луѓе, за што некои ја обвинуваа грчката крајбрежна стража.
Групите за човекови права обвинија дека илјадници луѓе илегално биле вратени од Грција во Турција и им било ускратено правото на азил.
Извор: SDK