Сите законски рокови за распуштање на Советот на Општина Тетово се почитувани. По донесувањето на вчерашната владина одлука за распуштање на Советот на Општина Тетово, натамошната процедура продолжува во Собранието на Република Северна Македонија, по што ќе бидат распишани вонредни избори за избор на нов Совет, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Муамет Хоџа, одговарајќи на новинарско прашање зошто Владата доцни еден месец, согласно роковите, со распуштање на советот на тетовската локална самоуправа.

-Согласно законските одредби, ќе бидат организирани предвремени избори за Советот на Општина Тетово, соопшти Хоџа.

Владата на вчерашната седница донесе решение за распуштање на Советот на Општина Тетово.

Од Владата вчера посочија дека причината за распуштање на Советот на Општина Тетово е исполнување на еден од условите во член 75 од Законот за локална самоуправа, според кој општинските совети ќе бидат распуштени, ако не ја донесат завршната сметка на Буџетот до 31 март, како што е предвидено со законската одредба.

-За ова решение, согласно законот, Владата ќе го извести Собранието на Република Северна Македонија по што ќе следува спроведување на постапката за организирање вонредни избори за Советот на Општина Тетово согласно законските одредби, соопштија од Владата.