„Владата е фокусирана кон инвестиции, капитални проекти и кон влез на високо технолошки области. Показателите укажуваат дека мерките што ги презема Владата даваат резултати. 7 квартали по ред имаме над 3% раст, што е за почит и имаме верификација од сите страни и се движиме во правилната насока“, изјави Тони Јаревски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата Топ тема на Телма телевизија.

Јаревски истакна дека државата е фокусирана кон континуирани инвестиции, воведување на нови технологии и инвестирање во иднината на државта, потенцирајќи дека показателите укажуваат дека мерките што ги презема владата даваат резултати.

„Она што го кажавме дека државата, она што е во нејзини ингеренции ги преземала чекорите имаме фактички ситуации каде што имаме фактори на стабилност. Ако некои работи се фактори за нестабилност тоа се она што го имаме во непосредно минато што беше од страна на СДС и проблемот со струјата и проблемот со горивото и проблемот со инфлацијата. Сите три елементи сега ги имаме сосема на солидно ниво. Продуктоводот веќе работи, акумулациите се полни, производството на струја е сосема доволно, цената на електричната енергија е коректна“, рече Јаревски.

Според Јаревски, СДС наместо да се труди да продаде дефетизам, како што кажа, треба да се насочат да ги поддржат оние чекори коишто гарантираат стабилен приход, раст на економијата и стабилна иднина за граѓаните.