Земјите од Европската Унија ги наполнија складишта за гас и до 90 отсто и со тоа ја исполнија зацртаната цел два и пол месеци пред предвиденото, соопшти Генералниот директорат на ЕУ за енергетика.

Според последните податоци на гасната инфраструктура на Европа, 90,12 отсто од капацитетот или 1.024 терават-часови гас се полни во европските магацини, што е еднакво на 93 милијарди кубни метри природен гас, пишува Н1.

Со цел да се подготви за претстојната зима, ЕУ си постави обврзувачка цел до 1 ноември да ги наполни складиштата за гас до 90 проценти.

Складирањето на гас е клучно за сигурноста со снабдувањето во Европа бидејќи може да покрие до една третина од побарувачката на гас во текот на зимските месеци.

Европската комесарка за енергетика Кадри Симсон изјави дека денешната потврда дека целите за складирање на гас се исполнети пред предвиденото покажува дека ЕУ е подготвена за зима и оти тоа ќе помогне за дополнително стабилизирање на пазарите во наредните месеци.

– Енергетскиот пазар на ЕУ е во многу постабилна позиција од ова време минатата година, во голем дел поради мерките преземени на ниво на ЕУ. Но, во последните недели видовме дека пазарот на гас останува чувствителен. Комисијата ќе продолжи да ја следи ситуација, така што нивото на складиран гас да биде на доволно високо кога ќе влеземе во следната зима, рече Симсон.

Таа додаде дека состојбата може дополнително да се подобри со инвестирање во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

Овие податоци укажуваат дека ЕУ успеа да ја намали зависноста од рускиот гас, кој пред војната задоволуваше околу 40 отсто од потребите на Унијата.

Рускиот гас во голема мера е заменет со увоз од САД, Норвешка и Азербејџан, но некои земји од Централна Европа, особено Австрија, сè уште се потпираат на увоз преку гасоводи низ Украина.

Поради намалувањето на извозот во европските земји, приходите на Русија од извозот на енергетски производи се намалија за 41 отсто на 43,4 милијарди долари во првите седум месеци од оваа година, а рубљата минатата недела падна на најниско ниво во изминатата година и половина.