Зоран Милески-Кичеец, кој во моментот е во 30-дневен притвор во скопскиот затвор Шутка поради учество со сообраќајка со смртни последици, a претходно имал прекин на издржување на затворската казна за случајот „Рекет“ поради, како што навел влошена здравствена состојба и проблеми со срцето.

Тој бил пуштен на 10 август, а надвор од затворот требало да остане до 9 септември. Инаку, Кичеец ја издржува затворската казна во КПД од отворен вид во Струга.

Како што беше наведено во соопштението од Управата за извршување на санкции, тој требало да направи испитувања за суправентикуларна тахикардија.

„Фокус“ поразговара со неколку кардиолози на оваа тема, кои сакаа да останат анонимни, но кои ни раскажаа дека со ваква дијагноза тој не се наоѓал во живототзагрозувачка состојба.

„Тоа е дијагноза е општа и не е животозагрозувачка. Може да се направат испитувања за неколку денови, но може и за две, три недели во зависност од тоа каде се прават испитувањата. Факт е дека не е опасна – објаснува нашиот соговорник.

Основниот суд Гостивар пред неколку денови му одреди 30 дневен притвор за сообраќајката во близина на Стража. Според ОЈО, Кичеец ја предизвикал сообраќајката со претекнување на полна линија.

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против него за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

„На 4 септември, на магистралниот пат Кичево-Гостивар, осомничениот како учесник во сообраќајот на јавните патишта не се придржувал кон прописите и го загрозил јавниот сообраќај. Движејќи се со патничко моторно возило „Мерцедес“ со кичевски регистарски ознаки, тој на критичното место не ја прилагодил брзината на движење според состојбите и условите на патот и на видно обележана полна надолжна линија започнал престигнување на возилото пред него – автомобил „БМВ“ со тетовски регистарски ознаки. Во истиот момент, во обратна насока кон Кичево се движел автомобил „Санг Јонг“ со гостиварски ознаки, на кое осомничениот му го попречил патот, па директно удрил со предниот десен дел од „Мерцедесот“ во предниот десен дел од автомобилот „Санг Јонг“. Удреното возило со левиот страничен дел, пак, удрило и во автомобилот „БМВ“ кој бил претекнуван. Во несреќата, животот го загубил сопатник во автомобилот „Санг Јонг“, четири лица се здобиле со тешки телесни повреди, а тројца, меѓу кои и осомничениот, се здобиле со телесни повреди“, се наведуваше во соопштението на ОЈО.