На средбата за Изборниот законик побарано решение за гласањето на дијаспората

Координаторот на пратеничката група на ВРЕДИ, Беким Ќоку, денеска изјави дека е важно дијаспората да има можност да гласа, без разлика дали тоа ќе биде преку електронско гласање или по пошта. Тој нагласи дека сите модели треба да бидат безбедни, транспарентни, сигурни и усогласени со меѓународните стандарди.

Изјавата ја даде по средбата што се одржа во Собранието меѓу политичките партии посветена на измените на Изборниот законик.

„Нашата дијаспора не е само дознаки и помош на роднините. За неа не може да се сети само кога испраќа пари. Таа е неразделен дел од нашето општество и секако мора да има можност да биде дел и од политичкото одлучување. Ова и го должиме. Ние не сметаме дека блокадите на опозицијата со илјадници амандмани му служат на овој процес. Граѓаните очекуваат решенија, а не пречки и блокади. Измените во Изборниот законик предизвикаа голема дебата во јавноста овие денови. За жал, дел од оваа дебата се води околу стравот на гласањето на дијаспората наместо да се фокусира на она што е суштинско, како изборниот процес да го направиме подемократски и поинклузивен“, рече тој.

Дијаспората е дел од политичкиот и општествениот систем

Ќоку истакна дека дијаспората е неразделен дел од политичкиот и општествениот систем на државата.

„Таа не е туѓо тело. Затоа, треба да се третира со почит без да се нарушат нејзините политички и граѓански права. За ВЛЕН ова е еден од најважните процеси во рамките на Реформската агенда и приближувањето на земјата кон европските стандарди“, изјави Ќоку.