Активисти на ПСД поставија на влезот во зградата на косовската Влада десетици бебешки шишенца за млеко со цуцли, порачувајќи дека владината одлука претставува запоставување на децата и дискриминација на жените.
– Овие цуцли ја пренесуваат пораката дека децата во градинките се запоставени од страна на државата и повторно сиот товар за грижата за нив е оставен на мајките и жените кои се дискриминирани. Ова се случува во време кога се отворени верските објекти, угостителството и сé друго и кога се дозволени партиските собири, изјави портпаролката на ПСД, Натира Кучи.
Според неа, главна цел на Владата на Курти е да ги затвори жените во нивните домови и неговата партија, Движење Самоопределување, да продолжи со митинзите и кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври.
– Владата на Курти е нееманципирачка и ја бетонира улогата на жената во општеството, со цел да ја задржи дома додека да се намалат бројките на заразени, за да продолжат со изборната кампања и митинзите, изјави Кучи.
Владата на Косово вчера усвои нови мерки за спречување на ширењето на пандемијата на Ковид-19, со кои до 26 овој месец се затвораат детските градинки и се одлага почетокот на учебната година во основните и средните училишта.