Управата за финансиска полиција поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Основното јавно обвинителство Скопје против пет физички лица и две правни лица, поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на европски средства.

Кривичните пријави се поднесени против Б.Г. и Г.Ф. во својство на надзорни инженери, како и против Е.Н., М.Г. и Н.М., сопственици и управители на две правни лица, како и против самите компании.

Според Финансиската полиција, пријавените се сомничат за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување или уништување на деловни книги“, „измама на штета на средствата на Европската Унија – во обид“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“.

Од Управата информираат дека надзорните инженери, постапувајќи спротивно на законските одредби, извршиле технички преглед на објекти и изготвиле завршни извештаи со невистинита содржина, иако објектите не биле целосно завршени.

Со таквите извештаи, според сомневањата, им овозможиле на правните лица да ги впишат недовршените објекти во Агенцијата за катастар на недвижности и на тој начин да создадат привид дека ги исполнуваат условите за користење.

Сопствениците и управителите на компаниите, иако знаеле дека објектите не се завршени и не ги исполнуваат законските услови за ставање во употреба, ги искористиле овие документи за да обезбедат исплата на финансиска поддршка од Програмата за рурален развој во рамки на Инструментот за претпристапна помош на Европската Унија – ИПА 3 (ИПАРД 2021-2027).

Со ваквите дејствија, според Финансиската полиција, пријавените се обиделе да се стекнат со противправна имотна корист во вкупен износ од 50.141.528 денари.