Најкратката и најпрецизна дефиниција за ксенофобија е: Омраза и предрасуди кон луѓе од други земји.
пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ
Ксенофобијата е општествена појава која е присутна во сите земји и култури, но, најизразена е во затворените општества.
Во изминатите денови, одредени политички субјекти играат на ксенофобните чувства на македонските граѓани, промовирајќи теза дека нашата влада прифатила во нашата земја да насели мигранти кои барале ама не добиле азил во Велика Британија. За овие мигранти велат дека се насилни и со досие.
Опозициската СДСМ подготвува некаква резолуција, најавува граѓанска непослушност и денеска ја собра целата своја коалиција зад оваа своја платформа.
Би сакал во неколку точки да го анализирам ова, од исклучиво објективна перспектива:
1. Одбиените азиланти во Британија се луѓе кои се слободни и имаат човекови права. Согласно меѓународните конвенции, никој не може да ги однесе негде доколку тоа тие не го прифатат. Низ Македонија, во последната деценија поминаа милиони бегалци и економски мигранти. Статистиката вели дека само 0.000001 процент од нив побарале азил во земјава. Зошто овие одбиените од Британија би сакале да дојдат овде? – без нивна воља, со сила никој не може да ги донесе, а доколку сакале веќе можеле да дојдат овде. Човек кој пеш и со чамец стигнал до Лондон, совршено добро знае што сака во животот, тоа сигурно не е да дојде во Македонија.
2. Од амбасадата на Обединетото Кралство негираа било каков план за ова, нашата влада негираше, негираше и претседателката пред која ретерирал британскиот амбасадор во земјава кој кажал дека нема таков договор. Но приказната и понатаму продолжува. Ксенофобијата во Македонија се шири единствено поради објавите на The Times и на GB News. Вториот е медиум на радикалната десница во Англија. Првиот објави текст со милион прашалници, со цел да искористи фишинг метода и да дознае нешто повеќе околу некаков договор. Дозна дека договор нема и веќе цела недела од таму е штама! Новинарот на Тајмс е доволно писмен и самиот напиша дека тие луѓе овде не може да бидат донесени, доколку самите не сакаат. Па кој би сакал?
3. Очигледно е дека политичарите свесно продолжуваат со ксенофобијата, иако им е јасно дека нема ништо од мигрнтите… Зошто? Затоа што е лесно да манипулираш со граѓаните дека некој ќе дојде и ќе им ја земе земјата, ќе ги ограби, ќе ги силува… со оваа пропаганда сакаат да ги разбудат најпримитивните чувства кај хомо-сапиенсот. До некаде, успеваат. Жална е таа слика, која различните луѓе ги портретира како ѕверови. Вистината е дека минорен процент од нив се некакви криминалци, но, нема да продолжам да објаснувам за да не ви ја хранам ксенофобијата. Факти и така не ве интересираат. Какви и да се, секако нема да дојдат.
4. На прес-конференцијата на СДСМ, го видов и претседателот на СДА, Џелал Хоџиќ, кој ја прифати анти-мигрантската платформа. Самиот Џељо е син на мигранти, шокиран сум што тој шири ксенофобија! Замислете, нашите дедовци и татковци да потпишувале резолуции против доселеници во земјава, да се спротистсвувале на напливот на мигранти од Санџак. Па тоа да се случело, тој сега немаше да биде тука… Сега, мигрантскиот син ја штити Македонија од мигранти. Жално… тажно…
5. Грешката која ја прави СДСМ со овие будалаштини е фатална. Чувството на загрозеност предизвикана од ксенофобија завршува во моментот кога никој не доаѓа да ви ја земе земјата. Тоа значи дека за многу кратко време граѓаните ќе сватат дека е пропаганда со цел да си поигра со нивните чувства. Ќе остане само омразата кон различните, која е крената на незамисливо високо ниво. А реално, во наредната деценија за економски да опстоиме, ќе ни бидат потребни работници од странство.
