Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека при аплицирањето за земјоделски субвенции мора да се пријавува реалното производство, најавувајќи засилени контроли кај сточарите и останатите земјоделци. Тој истакна дека субвенциите за сточарите се обезбедени и дека исплатата ќе започне веднаш по објавувањето на ребалансот на Буџетот во Службен весник.

По посетата на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ во Битола, Мицкоски рече дека ребалансот веќе е донесен и дека исплатата ќе следува веднаш по неговото официјално објавување.

„Ребалансот е донесен, се објавува во Службен весник и потоа веднаш ќе биде исплатата зашто средствата се обезбедени. Драго ми е што од оние предизвици што ги имаат сточарите како цената и вишоците, веќе ги немаат. Успеавме со интензивна акција тоа да го надминеме“, изјави премиерот.

Тој нагласи дека институциите веќе констатирале случаи на нереално пријавено производство, поради што, како што рече, ќе мора да се воведе поголема дисциплина во системот.

„И ние имаме предизвици, пријавени се грла добиток кои сто пати повеќе произведуваат млеко, значи ќе треба и дисципината да ја подобриме зашто субвенциите се народни пари и ако така се однесуваме, ќе немаме уште долго. Ќе мора да сме чесни и да пријавуваме тоа што произведуваме, не може едно грло да произведува сто пати повеќе од најуспешното грло во светот“, истакна Мицкоски.

Премиерот најави дека контролите веќе се започнати и дека нема да се однесуваат само на сточарството, туку и на останатите земјоделски гранки и култури.

„Ќе има контрола и контролата е веќе почната, не само на овој тип производи, кај сточарите, туку и кај останатите земјоделци и останатите земјоделски култури. Мора да се грижиме за државата, да има ред и дисциплина. Ако не се гржиме ние, не може да очекуваме некој од надвор да се грижи за нас. Значи, не може да пријавуваме на еден хектар дека се произведени 30 или 35 тона тутун, може два, 2,5 па и три тона, ама не може 35 тони на хектар. Има многу работи кои мора сите заеднички да ги совладаме како предизвици“, подвлече Мицкоски.