Лефков предупредува дека однесувањето на опозицијата може да го загрози развојот на демократијата во Македонија

Миле Лефков, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека опозицијата шири сомнителни вести и навреди, наместо да понуди идеи или критичка мисла. Во гостување во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа, тој се осврна на расправата за ребалансот на буџетот и обвини дека недостасува вистинска опозициска улога.

„Зборуваат за пренамена на 4 милиони денари, кога во исто време, за надомест на штетата што ја направил Оливер Спасовски во МВР, потребни се 22 милиони евра. Додека УЈП во нивно време ја тресеа скандали со фиктивни фирми и поврат на милиони денари ДДВ, сега се обидуваат да скандализираат за пренамена од една на друга ставка. И на крај, сето тоа завршува со навреди од страна на Битиќи“, рече Лефков.

Тој подвлече дека во земјата недостасува вистинска борба на идеи.

„Имаме опозиција што не го пронајде своето место. Наместо со идеи, настапуваат со најави за валкана кампања за локалните избори. Недостасува критичната мисла, недостасува борба на платформи. Единствените што имаат платформа и се борат за нејзина реализација се Владата“, изјави Лефков.

Според него, Владата секојдневно испорачува ветувања, додека од другата страна има само критики без содржина.

„Имаме навреди, омаловажување, ширење сомнителни вести. Обид за етикетирање. И тоа се засилува како што се приближуваат изборите“, додаде тој.

Лефков оцени дека таквото однесување на опозицијата може да наштети на демократските процеси во земјата.

„Не е доволно само Владата да се однесува одговорно. Многу е важно и однесувањето на опозицијата. Ако сакаме демократија, мора сите да придонесеме за нејзиниот развој“, заклучи Лефков.