Скопје има потенцијал за нов европски културен наратив

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков оцени дека проектот „Скопје – културна престолнина на Европа 2028“ претставува можност главниот град да изгради нов европски културен идентитет и да ја претвори културата во своја најсилна препознатливост.

Говорејќи на панел-дискусија во рамки на 4. Форум за културна дипломатија во Музејот на Град Скопје, Љутков истакна дека Европа денес очекува градови што ќе понудат визија за заеднички живот, а не само организација на фестивали и културни настани.

„Убеден сум дека Скопје – културна престолнина на Европа за 2028 ќе биде оној креативен момент во кој нашиот главен град ја претвора културата во свој најсилен дипломатски јазик, своја најпрепознатлива европска биографија и своја најдолготрајна иднина“, рече Љутков.

Тој нагласи дека Скопје има редок потенцијал поради својата културна и историска разновидност.

„Нашето Скопје, како ниту еден друг град во окружувањето, има редок потенцијал токму за таков исчекор. Овој град историски претставува пресек на повеќе културни, јазични и цивилизациски слоеви. Тој не е еднодимензионален културен простор, а неговата автентичност произлегува токму од неговата сложеност“, истакна министерот.

Културата како инвестиција во иднината

Љутков оцени дека најуспешните европски културни политики не се базираат на спектакл, туку на создавање доверба и културна инфраструктура меѓу институциите, граѓаните и европските вредности.

„Градовите што инвестираат во култура, всушност инвестираат во сопствената интелектуална иднина, а културната дипломатија, во својата најдлабока смисла, е токму тоа – процес преку кој една заедница станува препознатлива не само по тоа што произведува, туку и по тоа како мисли, како комуницира и какви вредности испраќа кон светот“, рече Љутков.

Форумот се одржува под темата „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“, во организација на Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар Алијанса на цивилизациите од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин.

На настанот учествуваат дипломати, политичари, експерти и уметници од Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.