Во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ гостуваше портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски кој истакна дека тезата на СДС дека државата не сака да биде дел од Европската Унија е неоснована, посочувајќи дека Владата активно работи на исполнување на реформите, зајакнување на демократските капацитети и градење стратешки партнерства со повеќе европски и светски држави.
„Сметам дека она коешто СДС сака да го прикаже е тоа дека ние водиме поинаква политика којашто ете тие сметаат дека не е добра, но ако ние не сакаме да бидеме дел од Европската Унија нема да ги исполнуваме реформите од Реформската агенда, нема да го завршивме пост-мониторингот со Советот на Европа, со тоа што ги исполнивме сите демократски капацитети да бидеме едно демократско општество, имаме стратешко партнерство со Унгарија, Хрватска, ние имаме стратешки договор и со Обединетото Кралство, со САД, како и заедничка изјава со ЕУ во делот на одбраната и безбедноста. Тезата на СДС дека ние не сакаме да бидеме дел од Европската Унија пропаѓа во вода“, рече Манасиевски.
Манасиевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ се залага Македонија што побрзо да стане дел од Европската Унија, но под, како што рече, достоинствени услови и без потчинување во билатералните односи.
„Пред неколку години имавме референдум којшто го организираше СДС, не се испочитува волјата на граѓаните и еве 7 години по тој референдум ние сме држава со нова придавка во името, којашто беше спротивна на барањата на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ е партијата којашто сака да ја направи Македонија да биде дел од Европската Унија што побрзо, меѓутоа под достоинствени услови, горди и исправени, а не онака како што СДС го правеше со потчинување, со удоволување на сите барања на билатерални односи“, посочи Манасиевски.
На крај Манасиевски истакна дека и покрај разликите меѓу раководствата на СДС низ годините, според него заедничка карактеристика останала политиката на потчинување и прифаќање барања што се на штета на македонските интереси, додавајќи дека во последните две години се забележува поинаков однос од Европската Унија кон македонските евроинтеграции и разговорите со Бугарија.
„Има разлика од владеењето на СДС на Зоран Заев, на Димитар Ковачевски и сега на Венко Филипче, но имаат една иста алатка што ја користат таа е потчинетоста кон другите држави, односно удоволување на нивните барања коишто се на штета на нашите македонски интереси. Не одиме ние да коленичиме и да кодошиме по другите држави, туку гордо се претставуваме и можете да видите една разлика во односот на Европската Унија и членки на Европската Унија коишто велеа порано направете ги овие услови ќе бидете дел од Европската Унија и СДС правеше се одејќи со главата во ѕид, меѓутоа гледате изминативе две години поинаква нивна политика во којашто велат дека да Македонија има направено многу отстапки, ајде да размислиме дали е фер ова што се случува во разговорите со Бугарија, билатерален спор за уставите измени. Сега гледаме еден поинаков пристап каде што Европската Унија велат почекајте дајте да размислиме како можеме да го решиме овој проблем и да дадеме гаранции некакви кои би го олесниле патот на Македонија во Европската Унија, бидејќи не се уставните измени последниот чекор којшто Македонија треба да го направи“, дециден е Манасиевски.
