Продлабочување на билатералната соработка во сите области
Македонија и Турција ќе ја интензивираат соработката на билатерално, регионално и глобално ниво, потврдија премиерот Христијан Мицкоски и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Двајцата лидери денеска во Истанбул потпишаа политичка декларација за основање Совет за соработка на високо ниво. Двете земји отвораат ново поглавје во нивните односи.
Мицкоски во Турција: Нов договор за стратешка соработка на високо ниво
Оваа декларација е резултат на првата официјална посета на Мицкоски на Турција. Нејзината основа е поставена уште во 2008 година со Стратегијата за зајакнување на билатералните односи.
Клучни области за соработка
Премиерот Мицкоски истакна дека Советот за соработка ќе овозможи натамошно продлабочување на односите меѓу двете земји. Со особен акцент на економијата, безбедноста, образованието, културата и здравството.
– Ова е значаен чекор за унапредување на стратешкото партнерство помеѓу Македонија и Турција. Двете земји се сојузници во НАТО и делат заеднички приоритет – стабилноста и безбедноста во регионот – изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека двете земји ќе работат на зголемување на трговската размена, која во 2023 година изнесувала една милијарда долари.
Ердоган: Ќе ја удвоиме трговската размена
Турскиот претседател Ердоган најави дека првата седница на Советот ќе се одржи во Скопје, а тој самиот се надева дека ќе присуствува.
– Очекуваме со идните активности да ја удвоиме економската и трговската размена. Ќе биде потребно ревидирање на Договорот за слободна трговија, за да ги искористиме сите потенцијали – изјави Ердоган.
Тој истакна дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција, туку како простор за заедничка соработка и развој.
– Односите меѓу Македонија и Турција се силни како што е Камениот мост во Скопје – додаде Ердоган.
Стратешко партнерство со јасни цели
Со потпишувањето на оваа декларација, Македонија и Турција испраќаат силна порака за долгорочна соработка и меѓусебна поддршка во повеќе сектори. Советот за соработка ќе има задача да ги координира заедничките активности и да го следи напредокот на иницијативите што произлегуваат од ова стратешко партнерство.