„Да ни е честит и вековит 24 Мај, Денот на македонските и сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј! Овој месец Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” достоинствено, работно и промотивно се посвети на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик (со подготовка и промоција на електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик), на 100-годишнината од раѓањето на Конески (со трибината „Разговори со Конески”), на Денот на сесловенските просветители, заедно со УКИМ, како нејзина придружна членка“ вели во интервју за МИА проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”.

Активностите продолжуваат до крајот на месецот. Имено, по покана на Данчо Марковски, амбасадор на Република Северна Македонија во Република Албанија, во организација на Министерството за надворешни работи, професори од Институтот за македонски јазик, заедно со претседателот и членови на Советот за македонски јазик, на 27 и 28 мај ќе одржат настава со работна трибина во Пустец, Мала Преспа, за наставниците што им предаваат на македонските ученици. Одиме подготвени: за учениците носиме книги, маички, училиштен прибор … На овој начин придонесуваме за подигнување на јазичната култура на македонските родени говорители и надвор од границите на државата.

Институтот за македонски јазик целосно е посветен на проучување на македонскиот јазик на сите рамништа (дијалектно, историско, ономастичко, лексичко, на современ план) и на ширење на јазичната култура. Во минатите седум децении, современиот македонски јазик си ја најде својата соодветна употреба во сите сфери на општествениот живот. Секогаш може да биде подобро. Секогаш има нови предизвици.

Најновиот предизвик е влијанието на туѓата лексика во рамките на глобализацијата и дигиталната ера. Лингвистите се исправени пред задачата: колку што може да понудат соодветна македонска лексика за странските зборови или, барем, да ги приспособат на македонскиот зборообразувачки и формообразувачки систем.

Со Советот за македонски јазик пред епидемијата беше подготвен Предлог за измени на Законот за употреба македонскиот јазик. Организиравте тогаш и јавна расправа, имаше многу новини во однос на постојниот закон од 1998, меѓу кои и основање инспекторат како посебна институција. Што се случи со предлогот, дали стигна во Собранието, направена ли е нова верзија со забелешките од фелата?

Станува збор за нов Предлог-закон за употреба на македонскиот јазик. Сите мислења од фелата беа земени предвид и мошне сериозно разгледани од група искусни правници од Владата и Собранието. Сегашната форма на Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е во склад со соодветната европска регулатива. Поради пандемијата, многу закони ја чекаат собраниската процедура. Верувам дека и овој закон е еден од нив.

Со воведувањето на инспекторатот, ќе се воведе сериозна и темелна контрола над правилната употреба на стандардниот македонски јазик. Со сегашниот закон се регулира формата, со новиот закон суштински ќе се контролира и ќе се санкционира евентуалното избегнување на литературнојазичната норма. Со новиот Предлог-закон се предлагаат стипендии за студентите на катедрите по македонски јазик, воведување на државна награда „Блаже Конески”, грижа за македонскиот јазик во медиумите, во училиштата, во институциите. Дел од предлозите веќе заживеаја во јавноста, иако законот не е донесен.

Толковниот речник на македонскиот јазик, повеќегодишниот труд на Институтот, од овој месец е достапен електронски. За да се смират извесни негодувања, извадени се некои лексеми што, пак, предизвика други реакции – дека на тој начин се цензурира лексичкото наследство. Зошто понудивте повлекување зборови кога речникот по дефиниција е евидентирање на сите што говорно постојат. Покрај тоа, нив веќе ги има во печатеното издание на овој шестомен речник, а ги имаше и претходно во тритомниот Речник на македонскиот јазик?

Добро сте забележале. Секој речник ги евидентира зборовите што постојат во јазикот. Во зависност од обемот – мал, среден или голем, се прави подбор на зборовите што ќе влезат во планираниот речник. Толковниот речник на македонскиот јазик е од среден обем и така е објавен и во електронската верзија. Од повеќемилионската картотека во Институтот за македонски јазик (што, патем, е собирана повеќе од 30 години од нашите постари колеги) направен е индекс на 100 000 зборови што влегоа во Толковниот речник на македонскиот јазик. Секој збор е подеднакво важен. Доколку не е со неутрална и современа употреба, до зборот стојат квалификациите: дијалектно, разговорно, архаично, историско, хипокористично (за галовно), пејоративно (за погрдно).

За спорните зборови се крена врева само неколку часа по објавувањето на електронското издание од луѓе, простете што така ќе кажам, што веројатно имаат консултирано малку речници. Се поставува прашањето, како се сетија да ги побараат зборовите во овој речник, но претходно не во Македонско-ромскиот речник, Македонско-албанскиот речник, Тритомниот речник на македонскиот јазик, Речникот на македонскиот јазик од Зозе Мургоски …

Лексикографијата е егзактна и се потпира на повеќевековни правила во својата работа. Едно од нив е систематичноста и прагот на исцрпност. Во случајот тоа би значело: зборовите за кои се крена врева и се повика на протести постојат во македонскиот јазик со ознака пејоративно. Меѓутоа, авторот на делот за географските и други имиња не сакајќи ги испуштил разговорните и погрдните називи за другите нации од ова поднебје. Затоа, редакцијата сметаше дека треба да се повлечат спорните зборови, да се доработат и потоа да се вратат заедно со називите за другите нации – во духот на систематичноста. Истовремено, потсетувам дека електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик нуди можност за предлагање нови зборови. Со соодетни контексти, во иднина тие ќе ја добијат можноста да станат дел од Речникот.

Македонските и бугарските лингвисти низ годините имале добра соработка, учества на конференции, бугарските доаѓале на Семинарот за македонски јазик во Охрид… Дали е сменето нешто во релациите со нив и во ставот на бугарската наука за македонскиот јазик откако се актуализираше спорот од Бугарија? И сметате ли дека науката може да одолее на влијанијата од политиката?

Во рамките на добрата соработка на македонските и бугарските лингвисти, пред петнаесетина години јас бев двапати на летна школа во Велико Трново и учествував со реферати на две нивни конференции. Во едната, со учесници од шеесетина земји, ја водев првата сесија на двата јазика – бугарски и македонски. Сите овие години МАНУ и БАН одржуваа конференции и заеднички проекти. Верувам дека дневнополитичките игри и влијанија набрзо ќе завршат и науката ќе се согласи во врска со посебноста на двете нации и на двата јазика – македонски и бугарски.

Тоа го покажавме минатиот јули со четирите коизданија на МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, Советот за македонски јазик и Филолошкиот факултет „Блаже Конески”. Посебно сме горди на зборникот „Погледи за македонскиот јазик”, во кој на 725 страници ги искажаа своите ставови најеминентните лингвисти од светот и од државата.

Унапредувањето на науката за јазикот и неговата заштита значи и вложување во кадар, финансирање проекти и изданија, отворање нови и одржување на лекторатите што постојат во светот. Соработувате со институтите за јазик на други земји од регионот (и пошироко), па како стоиме на овој план во споредба со нив?

Отворањето, одржувањето или возобновувањето на лекторатите по македонски јазик е во ингеренции на државата, на Советот за македонски јазик и на универзитетската јавност. Доколку вака сеопфатно се приоѓа кон проблемот, тогаш ќе се реши. Постојано има интерес за отворање реципрочни лекторати. Со решавање на специфичните барања, значително ќе се зголеми бројот на нашите лекторати. Лекторатите се дел од посакуваната билатерална и меѓународна соработка.

Институтот за македонски јазик последниве години интензивно се вложува во продлабочувањето на соработката со соседните и другите европски лингвистички центри. Резултат од тоа се повеќе билатерални и меѓународни проекти и конференции во кои се јавуваме како учесници, коорганизатори или организатори. Еве само еден пример. На двете традиционални меѓународни научни конференции во рамките на „Деновите на Благоја Корубин” и „Отворените денови на Институтот” учествуваа научници од: Полска, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, САД, Турција, Русија, Украина, Кина …

Во текот на 2020 година Институтот објави 16 нови монографии и зборници. Најголем број беа финансирани од Министерството за култура, потоа од Министерството за образование и наука, а дел се спонзорски или самофинансирачки.

Во моментов соработуваме со МОН околу концептот за финансирање научни проекти. Во април ИМЈ, авторите, Владата и МОН се договорија за откуп на материјалните права за електронското издание на Толковниот речник на македонскиот јазик. Владата ја обезбеди информатичката поддршка. Од 5 мај електронското издание на ТРМЈ е бесплатно достапно на платформата https://makedonski.gov.mk/ за сите корисници и проучувачи на македонскиот јазик.

Сето ова е во функција на унапредувањето на науката за јазикот и заштитата на македонскиот јазик.

Сега сме исправени пред најголемиот предизвик – вработување квалитетен подмладок. Пред три години, по дведецениска пауза, вработивме млад лингвист, доктор на науки од областа на историјата на македонскиот јазик. Минатата, 2020 година тој ја доби наградата за најдобар млад научник што ја доделува Претседателот на државата. На младите треба да им се даде шанса. Колегата д-р Борче Арсов ја доби шансата и се докажа. А ние се гордееме со него. Сакаме догодина да се гордееме со нови имиња на млади научници.

Извор: МИА