Бизнис форумот ги поврза компаниите од двете земји

Продлабочување на економската соработка и отворање нови инвестициски можности беа во фокусот на бизнис форумот во Будимпешта, на кој се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Настанот „Ден на деловна соработка помеѓу Унгарија и Македонија“ обедини претставници од институциите и деловните заедници, со цел јакнење на економските врски и директно вмрежување на компаниите.

Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека ваквите форуми не се само платформа за размена на идеи, туку конкретен механизам за воспоставување нови партнерства и зајакнување на економската соработка.

Инвестиции, авиолинија и економски раст

Премиерот нагласи дека директната комуникација меѓу компаниите е клучна за создавање нови деловни модели, отворање пазари и генерирање одржлив економски раст. Тој ја истакна и нововоспоставената авиолинија Скопје – Будимпешта како значаен чекор во поврзувањето на двете држави.

Според него, оваа директна врска ќе придонесе за зголемена динамика во економските односи, повеќе инвестиции и развој на туризмот.

Осврнувајќи се на економските показатели, Мицкоски посочи дека во 2024 година се достигнати околу 1,25 милијарди долари странски директни инвестиции, што ја позиционира државата високо според инвестиции по глава на жител. Тој додаде дека Владата работи на создавање стабилна, предвидлива и конкурентна деловна средина.

Реформи, европска перспектива и порака до бизнис-заедницата

Премиерот се осврна и на политичката стабилност, нагласувајќи дека таа создава сигурна основа за спроведување на реформите и долгорочен економски развој. Тој посочи дека Владата останува посветена на реформската агенда, унапредување на владеењето на правото, борбата против корупцијата и дигиталната трансформација.

Во своето излагање, Мицкоски ја нагласи и европската перспектива на државата, истакнувајќи дека земјата останува фокусирана на реформите и исполнување на критериумите врз основа на заслуги. Премиерот испрати порака дека Македонија нуди поволни услови за инвестиции, стратешка географска позиција и квалификувана работна сила. Тој ги охрабри унгарските компании да инвестираат, но и посочи дека македонските компании се подготвени да настапат на унгарскиот пазар.

На крајот, изрази очекување дека форумот ќе резултира со конкретни договори, нови деловни врски и долгорочни партнерства.

На настанот учествуваат десетици македонски компании, кои директно се вмрежуваат со унгарската бизнис-заедница.