Демографските промени се реалност што бара одговорност, визија и системски политики, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на Регионалната министерска конференција „Предводење на промените: Патеки кон демографска отпорност согласно потребите на луѓето“, што се одржува во Скопје во организација на Министерството за социјална политика, демографија и млади и УНФПА, под покровителство на Владата.

– Ова не е само уште една конференција, ова е разговор за иднината на нашите народи, за тоа какви држави ќе оставиме зад нас, дали ќе создадеме општества во кои младите ќе сакаат да останат, семејствата ќе сакаат да создаваат иднина, а повозрасните ќе живеат достоинствено – истакна Мицкоски во воведното излагање.

Премиерот нагласи дека демографската криза веќе има видливи последици и дека таа не смее да се третира исклучиво како прашање на статистика. Тој оцени дека досегашниот пристап, фокусиран главно на бројки, создал политики без долгорочна визија и вистинско влијание.

– Подолго време многу држави, вклучително и во нашиот регион, овие промени ги гледаа исклучиво низ призмата на бројките – колку нè има помалку, колку старееме, колку луѓе заминуваат. Таа таканаречена демографска вознемиреност често создаваше политики што реагираа доцна, фрагментирано и без долгорочна визија. Но суштината не е само во бројките. Суштината е во квалитетот на животот, во довербата што граѓаните ја имаат кон сопствената држава, во чувството дека тука можат да создадат дом, семејство, кариера и иднина – нагласи премиерот.

Според него, клучниот проблем е јазот во демографската отпорност, односно неподготвеноста навреме да се препознаат и менаџираат промените. Во тој контекст ја најави новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046.

– Нашиот пристап е јасен: наместо политика на страв, градиме политика на отпорност, наместо краткорочни мерки, создаваме долгорочна стратегија, наместо декларативни заложби, поставуваме системски решенија. Токму затоа ја подготвивме новата Стратегија за демографска отпорност 2026–2046 – не како формален документ што ќе остане на хартија, туку како национална рамка за иднината на државата – рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека основата на стратегијата е вложувањето во луѓето и испрати порака за личната и колективната одговорност. До младите упати порака дека треба да сонуваат дома.

– Дома треба да сонуваме и дома треба да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте во туѓи економии – иднината на вашата татковина се гради дома – рече премиерот.