Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања истакна дека Македонија и во јунскиот извештај за реформската агенда ќе биде пред фронтранерите, додека во однос на испораката на правда очекува побрза и поробусна испорака на правда од таа претходно, затоа што и граѓаните не се задоволни од спора правда и затоа дополнителни примања нема да има без јасни резултати.

– Се разбира дека не само јас и граѓаните, сите ќе се сложиме дека е премногу бавна или воопшто ја нема и дека не сме задоволни. Поврзано со испораката на правдата очекувам во периодот кој следи побрза и поробусна испорака на правдата споредено со тоа што било порано. Имаме отприлика 120-130 ревизорски извештаи на институции доставени до обвинителството, барем ревизорите велат дека констатирале многу незаконитости, очекувам барем врз основа на тие ревизорски извештаи да се постапува и испорача правда, изјави премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски посочи дека владата се прави да обвинителството и судовите добијат услови за работа за да ја испорачаат правдата и за да работат попродуктивно, односно дека се донесе Законот за Судски совет, Законот за ЈО е во Собрание, службениците во судовите и обвинителствата ќе добијат 40% зголемени плати, 200 нови вработувања, како и се почитува одлуката на Уставен суд да се вратат платите на судиите од 2025 година, но дека нема да има дополнителни зголемувања без јасни резултати.

– Конкретно сега имаме еден камен на сопнување, каде што треба да се регулираат, повторно се се сведува околу платите на судиите и обвинителите. Тој е оној камен на сопнување кој ние во Реформската агенда сега разговараме.  Сега се бара дополнителни зголемувања на примањата. Дополнителни зголемувања без јасни резултати нема  па дури и по цена да пропадне тој чекор, бидејќи со ова што ние направивме, како влада што го овозможивме е континуиран раст на платите на вработените во судовите. И ова јасно на следниот состанок на господинот Герт-Јан Копман ќе му го кажам. Се бараше зголемување, се овозможи зголемување, се бараше измена во закон, се овозможи измена во закон, се бараше зголемување на вработените службеници, се овозможи 200 нови вработувања, но континуирано ние да овозможуваме средства за зголемување на буџетите и платите без притоа да има никакви резултати, т.е. резултати кои не враќаат назад, тоа како влада нема да го дозволиме, потенцираше премиерот Мицкоски.

Премиерот Мицкоски нагласи дека и да не успее овој чекор, ние и во јунскиот извештај ќе бидеме подобри од самопрогласените фронтранери исто како што бевме во декемврискиот и така ќе бидеме до крај и ќе го изолираме ова за кое денеска води кампања опозицијата за промена на Устав, се друго ќе работиме и ќе испорачаме, ставот е кажан, цврст и непроменет во однос на тоа прашање.