МЗТ Скопје Аеродром во сезоната 2026/27 ќе настапува во групната фаза на ФИБА Европа Купот, со што клубот се враќа во европските натпреварувања по пауза од две ипол децении. Настапот во ова натпреварување е голем предизвик за „сино-белите“, кои во новата сезона ќе играат на три фронта – во ФИБА Европа Купот, АБА2 лигата и домашната Суперлига.
Последниот настап на МЗТ во натпреварување под капата на ФИБА беше во сезоната 2000/01, кога клубот играше во Купот Кораќ. Во изминатите години МЗТ остави силен печат и во регионалната АБА лига, АБА2, како и во УЛЕБ Еврокупот. Новата сезона во ФИБА Европа Купот ќе се игра во проширен формат со 48 екипи поделени во осум групи по шест клуба. Како еден од 24-те клуба со директен пласман во групната фаза, МЗТ има загарантирани најмалку десет европски натпревари против квалитетни противници.
Ждрепката ќе се одржи на 16 јули во Минхен, кога клубот ќе ги дознае противниците, а од МЗТ порачаа дека со поддршка од навивачите ќе се обидат достоинствено да ги претстават клубот, Аеродром и Македонија.
