Здравствениот систем е под притисок во третиот бран на коронавирусот, а бројот на пациенти во болниците континуирано расте. Низ целата држава во моментот се хоспитализирани над 1.700 пациенти со компликации предизвикани од Ковид, а здравствените власти предупредија дека неделава е критична за натамошното ширење на вирусот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека имајќи го предвид искуството од минатата година кога рамазанските пости и Велигден во истиот период, сериозно ја искомплицираа и ја усложнија епидемиолошката ситуација, доколку тоа сега се случи со веќе оптоварен здравствен систем, тоа ќе биде кризна ситуација што тешко ќе се менаџира.
Затоа, рече Филипче, беа воведени дополнителни рестриктивни мерки.
Властите апелираат на максимална одговорност и доследно почитување на мерките да го заштитиме своето и јавното здравје во наредниот период.
Според податоците на Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 136.426, бројката на оздравени пациенти е 111.139, а бројот на активни случаи изнесува 21.265. Досега се вакцинирани 13.000 граѓани.